Обвинителството ќе го увери судот дека Драги Рашковски, во својство на генерален секретар на Владата, нерационално, неекономично и непродуктивно ги трошел парите за набавка на софтвер, кабини и камери кои и по три години не се користат, нагласи шефицата на „организиран криминал“ во воведните зборови
Од трет обид, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје почна судскиот процес познат во јавноста како „Софтвери“ против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и уште шест други лица.
Наспроти нив, во судница седна шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, која ги даде и воведните зборови.
Обвинителката Ивана Трајчева, која ја водеше истрагата и се појави на првото рочиште во јануари годинава кое тогаш се одложи, е со завршен мандат и, иако аплицираше за нов мандат на конкурсот за испразнетите пет места, Советот на јавни обвинители сè уште не го изврши изборот.
Од тие причини, Русковска денеска ги даде воведните зборови. Таа се појавила, како што рече, зошто била упатена во предметот бидејќи ја водела предистрагата. Ако Трајчева не биде избрана, шефицата на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција рече дека таа лично ќе биде обвинителка која ќе го застапува предметот во текот на судскиот процес.
Воведните зборови ги почна со објаснување на теоријата за суверенитет за собирање даноци од државата, велејќи дека таа подразбира дека должност на граѓаните е да придонесуваат за државата со своите средства, а од друга страна секој граѓанин очекува државата рационално да ги троши парите.
„Во оваа постапка Обвинителството ќе го увери судот дека Драги Рашковски, во својство на генерален секретар, нерационално, неекономично и непродуктивно ги трошел парите за набавка на софтвер, кабини и камери кои и по три години не се користат. Дел од нив не се ни наоѓаат во Владата. Никој нема објаснување зошто воопшто се набавени и кој ќе ги користи. Ќе докажеме дека ја злоупотребувал функцијата за свои лични и материјални цели“,
рече Русковска на почетокот на воведните зборови за предметот во кој, според обвинителството, вкупната штета на Буџетот е околу 18,8 милиони денари.
Таа нагласи дека случајот го отвориле откако тој беше објавен во медиумите, по што следувала и истрагата.
Обвинителката зборуваше за секоја јавна набавка која е предмет на обвинението, па така започна од таа за софтверот за сообраќајни прекршоци, за кој пред една година објави „360 степени“. Според Русковска, не е јасно зошто бил набавен ако се земе предвид законската поставеност дека Генералниот секретаријат на Владата не е надлежен да снима по патиштата, како и да издава казни за сообраќајни прекршоци.
„ОЈО ќе докаже дека тука има друга заднина која не е грижа за граѓаните, туку заднината е патентот на Драги Рашковски, односно неговиот личен материјален интерес”,
рече Русковска.
Таа порача дека не е точно дека системот не се користи, а дека причината за тоа е што Обвинителство отворило истрага.
„Ќе докажеме дека системот не се употребува затоа што е нефункционален, а не поради постапката на Обвинителството. Набавен е во јуни 2020 година, кога и требало да се имплементира, а постапката е започната пред нецела година. Ако навистина можел да се стави во функција, секако дека имало време тоа да се направи, но очигледно е дека тоа не било цел. Ова ќе придонесе да дознаат граѓаните дека биле потрошени 4,9 милиони денари за нешто што не било ставено во функција, што било заборавено, а интервенциите што се правеле во овој софтвер биле по јавно обелоденување на случајот”,
порача Русковска.
Таа се надоврза дека таков е случајот и со софтверот за биометриска идентификација, кој бил набавен, а не го барала ниту една институција ниту, пак, се користи.
„Ќе се уверите од доказите дека овој систем воопшто не се наоѓа во зградата на Владата, иако е исплатен во целост. Логично се поставува прашањето зошто е набавен? Рашковски, знаејќи го тоа, по јавното обелоденување на случајот, му дава инструкции на обвинетиот Ивица Димитровски да го заврши системот, а за сето ова ќе изведеме докази. Обвинителството ќе презентира и докази дека, иако не се наоѓа во зградата на Владата и системот не е имплементиран, Драги Рашковски исплатил 610 000 денари за обука на вработените и над 400 000 за инсталација. Од доказите ќе произлезе дека такви обуки никогаш не биле спроведени и логично е дека не можело, со оглед дека системот не бил имплементиран”,
рече Русковска.
Обвинителката потоа зборуваше и за другите набавки за потребите на овие софтвери и напомена дека биле набавени камери и кабини за потребите на системот уште пред да се набави софтверот.
„Тие и денеска стојат под отворено небо кај поранешната фабрика ’Стаклара’“,
рече Русковска.
Околу креирање на овој систем, како и изготвување на документацијата за набавката, според обвинителството, Рашковски добивал помош и од обвинетиот Ивица Димитровски, професор на ФИНКИ.
Обвинителката понатаму се осврна и на активностите на обвинетите. Прво за тие околу софтверот за сообраќајни прекршоци. Неколку месеци пред да се објави тендерот, нагласи таа, Рашковски се договорил да го патентира со наслов и спецификации како тие кои потоа биле наведени во тендерската документација.
„Можеби не би имал никаков проблем да сакал финансиски да го материјализира својот патент, но проблем има кога станува збор за трошење народни пари без да има потреба и, поважно, без да има можност согласно законската регулатива. Рашковски носи одлука за јавна набавка и договорот го склучува со фирмата ’Инвока груп’ на Даниел Станчев. Притоа обвинетиот директно учествува во постапката. Прво, дава информации за тоа колку бодови има ’Инвока’ и кога ќе се одржи јавното наддавање пред да биде соопштено. На самиот ден на наддавањето му кажува со која цена да настапи ’Инвока груп’“,
рече обвинителката.
„Инвока“, додаде Русковска, е основана на 14 јули 2017 година и од денот на своето основање има склучувано договори за тендери само со Генералниот секретаријат на Владата, со кој раководеше Драги Рашковски.
Според Обвинителството, поранешниот генерален секретар бил тој кој всушност ја контролирал фирмата на која, според неа, фиктивен сопственик бил Даниел Станчев.
„Тоа го правел така што кажувал со која цена да настапи на тендерот. Ако Станчев бил вистински сопственик, од кои причини го прашувал Драги Рашковски како да настапи и го чекал да направи пресметка”,
рече Русковска.
Потоа зборуваше и за фирмата „ГБЦ системи“, сопственост на Игор Христов, кој е обвинет во случајот, а беше и хонорарец во Владата.
„Правното лице ’ГБЦ системи’, кое е во сопственост на Игор Христов, е индиректен носител на набавката за метални кабини. Во фирмата која ја добила набавката се јавува Игор Христов и се нуди тој преку своето правно лице да ги набавува кабините. Како Христов знаел кој ја добил јавната набавка? До одговорот логично се доаѓа кога се има предвид дека тој е ангажиран од Рашковски со авторски договор”,
рече Русковска.
Зборувајќи за оваа фирма, обвинителката го спомена и возилото „волво икс-це 90“ кое било купено од правното лице, а за кое Христов ја овластил сопругата на Драги Рашковски да управува со него.
Лукративното постапување на Рашковски, рече Русковска, не е само со тендерите. Тој, според Обвинителството, со авторски договори ги ангажирал како хонорарци обвинетите Игор Ивановски и Маја Силјановска, иако тие ништо не работеле. Тие, според обвинителството, биле ангажирани преку обвинетата Ирена Ивановска.
„Тие не ги извршувале обврските, а повлекувале готовина за потоа дел од средствата да му предаваат на Драги Рашковски”,
рече Русковска.
Договор на дело, според обвинителството имал и Ивица Димитровски, кој тврди обвинителството, дел од парите ги враќал давал на обвинетиот Игор Христов.
Обвинителката рече дека Рашковски имал и псевдоним кога се зборувало за него. Не сакаше да го открие во воведните зборови велејќи дека тоа ќе се открие во текот на судењето. Во однос на перењето пари, обвинителката кажа и оти Рашковски се обидувал да ги легализира парите преку тоа што други му уплаќале за животно осигурување, за школарина, како и дека земал фиктивни позајмици, а со парите купувал имот и предвреме отплатил кредит.
Рашковски, пак, како и сите обвинети, рече дека не се чувствува виновен.