Северна Македонија се докажа како кредибилен партнер на Европската Унија и нејзината натамошна блокада за отворање на пристапните преговори, заедно со Албанија, е неодржлива, рекол шефот на државата



Претседателот Стево Пендаровски повикал на брза реализација на стратегиските одлуки во однос на политиката на проширување на ЕУ, на денешната средба во неговиот кабинет со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и потпретседател на ЕК, Жозеп Борел. Северна Македонија, рекол Пендаровски, се докажа како кредибилен партнер на Европската Унија и нејзината натамошна блокада за отворање на пристапните преговори, заедно со Албанија, е неодржлива.
Со средбата со Пендаровски, Борел ги почна состаноците со државно-политичкиот врв во Северна Македонија. Во неговата агенда се предвидени и средби со премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на парламентот, Талат Џафери, со министрите за одбрана и за надворешни работи Славјанка Петровска и Бујар Османи, како и со претседателите на парламентарните партии.
Претседателот Пендаровски, како што соопштија од неговиот кабинет, ја оцени посетата на високиот претставник Борел на Северна Македонија и на регионот како потврда за посветеноста и поддршката на ЕУ за Западен Балкан, особено во светло на новата геополитичка реалност во Европа.
Пендаровски нагласил дека почнувањето пристапни преговори за земјава е тест за кредибилитетот на Европската Унија.
„Со новите геополитички динамики, ние не зборуваме за забрзување на нашиот процес, имајќи предвид дека Северна Македонија и Албанија имаат одлука за започнување на пристапните преговори од Советот на Унијата уште од март 2020 година“,
рекол Пендаровски.
Дискутирајќи за руската воена инвазија на Украина и нејзиното влијание врз безбедноста на европскиот континент како целина, соговорниците ја реафирмираа потребата од итно стопирање на руските воени дејствија во Украина, враќање на поредокот на меѓународното право и што е можно поскоро целисходно зацелување од девастирачкиот напад врз Украина.
Високиот претставник ја поздравил одлуката на земјава за приклучување кон санкциите на ЕУ за Русија, со што Северна Македонија целосно се придружува кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и пакетот санкции на Унијата, вклучително и пакетот мерки од 2014 година.
На средбата се разговарало и за заклучоците од неодамнешниот Самит на лидерите на ЕУ во Версај, со акцент на процесот на евроинтегрирање со земјите од регионот, за што главниот збор го имаат земјите членки.