За граничниот премин „Клепало“, во рамки на програмата, се резервирани околу 10 милиони евра
ИПА-програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија за третиот ИПА-програмски период 2021-2027 година, денеска беше потврдена од заедничката работна група, во чија работа учествуваат претставници од надлежните министерства во двете земји. Во финалната фаза, програмата ќе биде доставена на конечно усвојување во Брисел, по што ќе може да почне нејзината имплементација преку финансирање на заеднички проекти меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Заменикот министер за локална самоуправа Зоран Димитровски ја поздрави посветеноста на надлежните институции од двете земји во текот на подготовката на програмата и ја истакна нејзината важност за граѓаните од двете држави.
„ИПА-програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија ни става на располагање 31 милион евра од Европската Унија, со кои можеме да реализираме значајни проекти и во двете земји, како и еден стратешки проект, граничниот премин ’Клепало’, за што се резервирани околу 10 милиони евра“,
рече Димитровски.
Тој рече дека, во рамки на овој проект, се предвидува изградба на нов и рехабилитација на постојниот патен правец за поврзување на Берово со Струмјани и рехабилитација на граничниот премин Клепало.
„Заедничката иднина на земјите од регионот е во Европската Унија. Очекувам побрзо отпочнување на преговорите на нашата земја со Европската Унија и уште подобра и поинтензивна соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија“,
рече Димитровски.
Објавувањето на првиот јавен повик за проекти во три приоритетни области во рамки на програмата се планира за наредната 2023 година.