По овој повод се огласи и претставничката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која истакна дека западните медиуми пишуваат дека компанијата Мета им овозможува на корисниците на Фејсбук и Инстаграм да повикуваат на насилство против граѓаните на Русија
Државното обвинителство во Русија побара од судот, Мета, компанијата која е сопственик на Фејсбук и Инстаграм, да се прогласи како екстремистичка организација и нејзиното работење во целост да се стопира во Русија.
Обвинителството наведува дека активностите на Фејсбук и Инстаграм можат да се квалификуваат како јавен повик на екстремизам и промовирање тероризам.
Руското обвинителство поради тоа упати и барање до руското регулаторно тело за комуникации, да ја забрани социјалната мрежа Инстаграм во оваа земја.
Како што пренесува „Ројтерс“, руската амбасада во САД по тој повод испрати и официјален допис до властите во оваа земја.
„Мета води агресивна криминална политика која поттикнува омраза и непријателство кон Русија. Постапките на компанијата се уште еден доказ за информациска војна без правила која ѝ е објавена на нашата земја“,
велат од амбасадата во соопштението.
Тие бараат од властите во САД да ги запрат екстремистичките активности на Мета и да се преземат чекори со кои сторителите ќе бидат казнети.
По овој повод се огласи и претставничката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која истакна дека западните медиуми пишуваат дека Мета им овозможува на корисниците на Фејсабук и Инстаграм да повикуваат на насилство против граѓаните на Русија.
„Очекуваме официјална реакција од Мета, како и одговор на прашањето кој ја иницирал таквата одлука и кој ја одобрил“,
напиша Захарова на Телеграм.