При извршениот претрес, велат од МВР, во дворот на куќата пронајдени се пет поголеми пакувања во кои имало по околу еден килограм марихуана – вкупно околу пет килограми, а биле закопани во дворот. Лицето во моментов е приведено, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава
Како што информира Министерството за внатрешни работи, полициските службеници привеле велешанец, откако при претрес на неговата куќа и помошни простории биле пронајдени пет поголеми пакувања марихуана, капсули и околу 50 000 денари. Дрогата според МВР, била во вредност од околу 20 000 евра.

„По наредба од судија на претходна постапка, денеска полициски службеници од СВР Велес – Отсек за недозволена трговија со дрога и оружје, а по претходна координација со Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Бирото за јавна безбедност, извршија претрес на куќа и помошни простории на Н.Ц. (28) од Велес“,
пишува во соопштението на МВР.
При извршениот претрес, велат од МВР, во дворот на куќата пронајдени се пет поголеми пакувања во кои имало по околу еден килограм марихуана- вкупно околу пет килограми, а биле закопани во дворот.
Како што посочуваат од МВР, марихуана била пронајдена и во неговото патничко моторно возило „форд фиеста“ и во соба во куќата, каде покрај марихуана се пронајдени и капсули и околу 50 000 денари, за кои постои основано сомнение дека потекнуваат од продажба на дрога.
Лицето во моментов е приведено, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава.