Министерот за внатрешни работи вели дека трошоците на неговата картичка во МВР се нула денари, додека градоначалникот на Карпош тврди дека не изел ниту еден ручек на сметка на Општината
Трошоците на картичката во МВР на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како што вели, се нула денари, нема мобилен телефон што му го плаќа државата, но сето она што ќе биде донесено како одлука за штедење, потенцира тој, ќе го испочитува.
И градоначалникот на скопската Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вели дека не користи службен мобилен телефон, а за репрезентациии, како што рече, досега нема ниту еден ручек изедено на сметка на Општината ниту, пак, го планира тоа.
Спасовски и Јакимовски, кој е претседател на опозициската ГРОМ, денеска присуствуваа на ист настан, односно на увид во реконструираниот објект на Полициската станица – Карпош во Скопје. Потоа и двајцата коментираа во однос на препораките на Владата за максимално штедење и намалување на трошоците.
Министерот Спасовски очекува на наредната владина седница да се донесат конкретни одлуки и план за заштеда на финансиски средства. Додаде дека тука спаѓаат и рационализација на користењето возила, на патувањата во странство, репрезентации и сето она што е несуштинско во работењето.
„Важно е да ги рационализираме трошоците и повеќе пари да насочиме кон граѓаните. Јавната потрошувачка не смее да застане во услови на криза, како и капиталните инвестиции. Тие се многу важни за да може економијата да опстои во овој период и да можеме брзо да ја кренеме во наредниот период“,
изјави Спасовски.
Тој истакна дека клучна работа е да се рационализираат средствата, да се трошат наменски , но не и да се престане во трошењето. Капиталните инвестиции, смета, мора да бидат реализирани заради тоа што тоа ја поттикнува економијата и помага во делот на јавната потрошувачка.
За градоначалникот Јакимовски најбитно во ова време е, како што рече, да се даде пример за граѓаните дека доаѓаат тешки времиња и максимално да се мобилизираме.
„Буквално ќе биде битка за секој денар“,
изјави Јакимовски.
Градоначалникот на скопската општина Карпош информира дека во изминатите денови донел мерки прво сите возила да се наполнат со бензин и максимално да се редуцира трошењето, а кога се излегува на терен повеќе работи да се вршат во исто време.