На Дипломатскиот форум, на тема „Прекодирање на дипломатијата“, учествува и поранешниот претседател Ѓорге Иванов на покана на шефот на дипломатијата на Турција

Министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари билатерална средба со министерот за надворешни работи на Мевлут Чавушоглу, на маргините на Анталија дипломатскиот форум, кој се одржува во Анталија, Турција.
Како што соопшти МНР, министрите се согласија дека двете земји негуваат долго и блиско пријателство, а оваа година кога се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, јубилејот дава можност да се погледне наназад и да се сумираат досегашните резултати.
На средбата стана збор и за руско-украинскиот конфликт при што Османи посочи дека високо ги цени напорите на министерот Чавушоглу во посредувањето меѓу овие две земји за да се изнајде решение за воената криза. Како НАТО сојузници ние сме силни, одлучни и обединети околу ова прашање, заклучија двајцата министри.
„Од најголема важност е да запрат страдањата на луѓето во Украина. Како членка на тројката на ОБСЕ, ние сме подготвени да придонесеме на кој било начин за да помогнеме“,
истакна Османи.
На средбата, особено внимание беше посветено на исклучително добрата економска соработка меѓу двете земји, при што министрите се обврзаа на активности кои ќе придонесат кон продлабочување на деловните и трговски врски, а Турција како еден од најголемите странски инвеститори во земјата е од посебен наш интерес.
Во рамките на Форумот, како што соопшти МНР, Османи ќе има обраќање на панелот „Дијалог на помирување на Балканот“, на кој се очекува да се дискутира за безбедносниот аспект и односите меѓу земјите од Западен Балкан, за начинот на справување и изнаоѓање решенија за отворените билатерални прашања, како и за можните последици доколку Европската Унија не ги оправда очекувањата на регионот во однос на нивната европска перспектива.
На Анталија дипломатскиот форум, предвидено е Османи да оствари многубројни билатерални средби, меѓу кои со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, повеќе колеги министри за надворешни работи, меѓу кои и на Австрија, Александер Шаленберг, на Луксемург, Жан Аселборн, на Словачка, Иван Корчок и на Финска и Пека Хависто, како и со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит.
Годинешниот настан, нагласуваат од МНР, ќе се осврне на светските случувања во меѓународните односи, во духот на регионалните и глобалните прашања, особено со фокус на руската агресија врз Украина. На форумот се очекува да учествуваат истакнати гости, како политички лидери, министри, високи функционери, водечки академци, меѓународни организации, креатори на јавното мислење и бизнис претставници.
На Дипломатскиот форум во Анталија учествува и поранешниот претседател Ѓорге Иванов, на покана на Чавушоглу.
Настанот, на тема „Прекодирање на дипломатијата“, се одржува под покровителство на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. Во рамките на своето учество на форумот, како што најавуваат од кабинетот на поранешниот претседател, Иванов ќе се обрати на панелот „Ревитализација на мултилатерализмот: ОН и подалеку“.