Од Суми се евакуирани околу 3 500 цивили од кои околу половина се странски студенти, соопштија украинските власти. Од Мариупол, пак, не успеале евакуацијата

Речиси 3 500 цивили се евакуирани денеска од северниот украински град Суми за време на прекинот на огнот, а 27 цивили се убиени во Харков, соопштија локалните власти.
Речиси 1 700 од 3 500 евакуирани се странски студенти кои студираат на универзитетите во Суми, соопшти регионалниот гувернер Дмитро Живицки, додавајќи дека прекинот на огнот еднаш бил прекршен со пукање кај контролен пункт.
Информацијата за убиени најмалку 27 цивили во Харков, пак, ја соопшти денеска полицискиот функционер Серхи Болвинов.
Од почетокот на руската инвазија од 24 февруари, пак, вкупно 170 луѓе се убиени во регионот Харков, меѓу кои и пет деца.
Регионалниот гувернер Олех Синехубов, претходно објави дека украинските сили денеска ги одбиле обидите на руските сили да влезат во Харков и спречија планирана акција на 120 руски падобранци во близина на границата, како и дека го имаат Харков под украинска патрола.
Што се однесува до Мариупол, од каде исто така требаше да има евакуација, американски извори велат дека тој е опколен од руски сили, но оти тие наводно не влегле во градот.
Украинските власти соопштија дека денеска уште еднаш не успеале да евакуираат цивили од овој град, а вицепремиерката Ирина Верешук ја опиша ситуацијата во опколениот град како „катастрофална“.
Хуманитарните коридори од Мариупол кои би воделе кон Русија или Белорусија се неприфатливи, нагласи таа.