Вчерашниот силен ветер кој траеше само неколку часа покажа колку небезбеден може да биде проектот „Скопје 2014“ и за животот на луѓето, изјави генералната директорка на АД МЕПСО, Ева Шуклева, откако дел од фасадата на зградата синоќа попушти од невремето и се урна во дворот оштетувајќи и службени автомобили.
На прес-конференција во дворот на зградата, Шуклева изјави дека полицијата направила записник, а осигурителните компании и стручните лица сè уште прават проценка на штетите на фасадата за чија изградба беа потрошени 11 милиони евра.
„Барокната фасада беше состојба со која се соочи сегашното раководство. Колку квалитетно се работело претходно можете да видите и самите. Вчерашниот ветер буквално ја соголи административната зграда на МЕПСО, голем дел од фасадата се најде на земја. Притоа, откорнатите парчиња стиропор оштетија неколку возила, откорнати се и десетина клима-уреди. Можете да видите дека има делови кои во секој момент без ветер може да се урнат“,
изјави Шуклева на прес-конференција пред зградата на АД МЕПСО.
За изградба на фасадата на МЕПСО со столбови во антички стил и нов покрив беше ангажиран „Бетон Штип“. Поради повеќе наследени состојби и пропусти во изградбата, Шуклева најави внатрешна ревизија на договорот, а активирана е и банкарската гаранција пред фирмата да оди во стечај.