Извештаите од Мариупол, Суми и Буча се дека извлекувањето на жителите оди бавно поради постојаните престрелки и поради проблемите тие да стигнат до пунктовите за евакуација кои се на самиот излез од градовите
Од утрово започна евакуацијата од поголемите украински градови, но украинските власти тврдат дека Русија ја попречува евакуацијата во неколку региони.
Мариупол
Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Олег Николенко и украинското Министерство за одбрана ги обвинија руските сили за гранатирање на хуманитарниот коридор од клучниот јужен град.
Осум камиони и 30 автобуси се на пат да достават хуманитарна помош во градот и да ги евакуираат цивилите во Запорожје, рече Николенко, но не знаат дали тие камиони ќе можат да влезат внатре.
Не е јасно дали некој успеал да замине.
Суми
Колона за евакуација од опколениот град Суми пристигна во регионот Полтава – во централна Украина, соопшти регионалната администрација на Полтава.




Нивното движење било накратко запрено поради пукање кога го преминувале украинскиот контролен пункт.
Во тој момент, според шефот на администрацијата на Суми, Дмитро Живицки, се појавиле руски воени возила и отвориле спорадичен оган, но тој не бил насочен кон автобусите. Руската колона оклопни возила брзо ја напуштила областа. Нема информации дали некој е повреден.
Меѓутоа, во Суми, луѓето се соочуваат со проблеми да стигнат до местото за евакуација што е на периферијата на градот.
Според најавите евакуацијата ќе трае до 20 часот по средноевропско време.
Буча
Руските сили ги саботираат напорите за евакуација од областа Буча во Киевската Област, вели шефот на киевската регионална администрација, Олексеј Кулеба.



„Областа се подготвува за масовна евакуација на луѓето и снабдување со хуманитарна помош. За ова е неопходен прекин на огнот“,
рече Кулеба.
Тој рече дека луѓето можеле да го напуштат блискиот град Ирпин во изминатите 24 часа.