За час и половина се чекаат резултатите од тестирањето за коронавирус на уште едно лице кое допатувало од Рим и само се пријавило на Инфективната клиника за проверка, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на попладневната прес-конференција.
За лицата што биле во контакт со заболената пациентка кај која вчера беше потврден коронавирус, Филипче рече дека се во домашна изолација, дека се во добра здравствена состојба и немаат симптоми.
Се работи за 8 лица од комбето кои патувале со заболената од Италија и за уште 4 други лица со кои овие деветмина имале контакт веднаш по пристигнувањето. Меѓу нив има и две деца на 4-годишна возраст.
Тие не се тестирани за коронавирус бидејќи, како што рече Филипче, минималниот период на инкубација е пет дена, а максималниот 14, така што ќе се чека епидемиолозите да одлучат кога ќе бидат тестирани. Доколку во меѓувреме некој покаже симптоми, тогаш веднаш ќе биде транспортиран на Инфективната клиника.
Филипче кажа дека овие лица се под полициски надзор и се посетувани од екипи епидемиолози. Црвениот крст се грижи за доставување храна и вода до нивните домови додека се во изолација.
*Поврзани вести: