Меѓу другото, Арсовска додаде дека во овој момент е активиран цел државен апарат за затскривање на грешките кои поранешното градско раководство ги направило при проектирањето и отпочнувањето на реконструкцијата на Универзална сала
Универзална сала ќе има и скопјани ќе можат во иднина да се гордеат со објектот кој е синоним за Скопје и за скопјани, рече скопската градоначалничка Данела Арсовска во утринската емисија „Здраво Македонијо“.
„Но исто така, граѓаните треба да се добро запознаени со целиот процес на реконструкција во изминатиот период, кој за жал не се одвивал според законите и прописите за изградба на еден таков објект, за што сведочат и забелешките од многубројни архитекти кои што се запознаени со проектот“,
истакна градоначалничката Арсовска.
Меѓу другото, Арсовска додаде дека во овој момент е активиран цел државен апарат за затскривање на грешките кои што поранешното градско раководство ги направило при проектирањето и отпочнувањето на реконструкцијата на Универзална сала.
„Реконструкцијата на Универзалната сала не е стопирана, туку се одвива со мал интензитет и се работи само онаму каде што проектот гарантира безбедност за работа. Не можеме да дозволиме да се работи на објект кој најпрво не гарантира безбедност ниту за работниците, ниту за граѓаните кои во иднина ќе ја посетуваат Универзална сала. Не е во ред целата централна власт да се вклучена во криењето на деталите од проектот за реконструкцијата, па дури и да напаѓа за нешто што го згрешиле оние кои што го отпочнале проектот”,
вели Арсовска.
Претходно Арсовска истакна оти реконструкцијата на Универзална сала е со намален интензитет поради грешките од претходното градско раководство на чело со СДСМ, кое ја одобрило реконструкцијата на објектот и покрај пропустите во документацијата.
На тоа, пак, од СДСМ реагираа оти е неточно дека проектот за изградба на Универзална сала е небезбеден, туку дека е професионално сработен и одобрен низ повеќе постапки од стручни лица.
Во меѓувреме, Град Скопје ја повика министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска да присуствува на отворена работна средба на која ќе и се презентираат, како што наведоа од Град Скопје, факти за грешките во проектната документација за реконструкцијата на Универзална сала и ја повикаа министерката да гарантира за безбедноста на објектот на Универзалната сала.
„Министерката како застапник на овој спорен проект за реконструкција на Универзална сала веројатно не е информирана и воопшто нема познавања за состојбите. Доколку по средбата сè уште смета дека стариот проект може да продолжи, да потпише изјава со која лично ќе гарантира за исправноста на постоечкиот проект за реконструкција на Универзалната сала и за безбедноста на Скопјани“,
истакнаа претходно во писмено соопштение Град Скопје.
По тврдењата од Град Скопје дека проектот за реконструкција на Универзалната сала е небезбеден, градоначалничката Данела Арсовска се соочи со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и архитектите, токму пред објектот кој веќе седум години не е во функција и чека реконструкција.
Градоначалничката Арсовска, наспроти министерката за култура и архитекти од Асоцијацијата на архитекти, остана на тврдењата дека проектот е небезбеден.
Архитектот Муча, пак, кој е дел од архитектонското биро кое го проектирало проектот, рече дека секогаш кога се прави реконструкција се појавуваат некои работи, но тврди дека проектот бил проектиран уште еднаш по испитувањето на материјалите и Град Скопје ги има сите документи. Тој рече дека ја изработиле документацијата и за втората фаза, но тоа што градските власти не признаваат дека е готова е затоа што не ја ни побарале.