По смената на пратеникот на Беса, мнозинството и опозицијата имаат ист број членови во Комисијата за избори и именувања, но се очекува ситуацијата да се смени откако ќе биде именуван новиот член од редот на владејачките партии, веројатно од Алтернатива
По тридневна расправа, на моменти бучна и напната, парламентот денеска успеа да го „отстрани“ пратеникот на сега опозициската Беса, Фадил Зендели, од член во Комисијата за избори и именувања, без предлогот за негово разрешување претходно да помине и во ова собраниско тело.
Со точно 61 глас „за“ и без присуство на опозицијата, собранискиот пленум го изгласа предлогот за разрешување на Зендели од Комисијата, што го поднесоа спикерот Талат Џафери и уште неколкумина пратеници од таборт на СДСМ.
Со тоа се отвора простор да се вратат во функција дел од собраниските комисии чија работа е закочена пред се по локалните избори и модифицирањето на мнозинството откако Беса замина во опозиција и беше избрана новата Влада. Така, во дел од комисиите мнозинството е кај опозицијата, додека во други работни тела не можат да се именуваат нови членови, по заминувањето на дел од пратениците за градоначалници и за министри, затоа што процедурата за екипирање на комисиите, исто така, оди преку Комисијата за избори и именувања.
По разрешувањето на Зендели, мнозинството и опозицијата имаат ист број членови во Комисијата за избори и именувања, но, според информации на „360 степени“ се очекува ситуацијата да се смени откако ќе биде именуван новиот член од редот на владејачките партии, веројатно од Алтернатива, која, во меѓувреме, влезе во Владата место Беса.
Комисијата за избори и именувања, исто така, треба да добие нов претседател, откако експратеникот Костадин Костадинов стана градоначалник на Струмица. Нов претседател треба да добие и Комисијата за финансирање и буџет, на местото на новиот градоначалник на Аеродром – Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.
По разрешувањето на Зендели, се отвора и можност конечно да бидат предложени, а потоа и избрани четворица нови судии во Уставниот суд.