Во разговорот со македонскиот премиер, претседателката на ЕК искажала и честитки за посветеноста на дијалогот Скопје-Софија
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска оствари телефонски разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која му изразила благодарност за брзите реакции на Владата на Северна Македонија во однос на руската агресија над Украина.
„Претседателката на ЕК изрази благодарност за брзите реакции на Владата на Северна Македонија, за кои истакна дека во целост се усогласени со надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Воедно, искажа честитки за посветеноста на дијалогот Скопје-Софија и уште еднаш повтори дека Брисел силно го поддржува и поздравува овој процес, кој ќе овозможи забрзување на процесот на евроинтеграции“
соопштија од Владата.
И покрај загрижувачката ситуација со Украина која, како што се наведува во владиното соопштение, се наметна како приоритет, Ковачевски информираше дека владите на Северна Македонија и Бугарија се посветени и активно продолжуваат со дијалогот за изнаоѓање решенија и резултати за време на француското претседателство со ЕУ.