Од денеска во следните три месеци забранети се летови на сите авиони од Русија, со исклучок на хуманитарните, болничките и летовите за потрага и спасување
Во согласност со одлуката на Европската Унија да го затвори воздушниот простор за Руската Федерација, Грција од денеска во следните три месеци забрани летови на сите авиони од Русија, јави МИА од Атина.
Согласно издадените авиоупатства (НОТАМ) од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција, во воздушниот простор на Грција, „забрането е слетување, полетување, влегување и минување низ националниот воздушен простор на Грција на авиони во сопственост на Русија, на руските авиокомпании (AOC), вклучително и приватни авиони“.
Исклучок се хуманитарните, болничките и летовите за потрага и спасување по добиено одобрение на грчката Влада, како и сите летови на авиони за итни случаи.
Конкретните авиоупатства стапуваат во сила денеска и ќе важат три месеци.