Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потврди дека украинска делегација ќе се сретне со руската кај границата помеѓу Украина и Белорусија, во близина на реката Припјат.
Потврдата доаѓа откако тој претходно разговараше со белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Зеленски во објавата на социјалните мрежи тврди дека Лукашенко ја презел одговорноста за сигурноста односно дека ќе се погрижи сите авиони, хеликоптери и проектили стационирани на белоруска територија да останат приземјени за време на патувањето на украинската делегација, во текот на преговорите, како и за време на враќањето кон Киев.
Дека ќе се одржат преговори во Белорусија, претходно веќе објавија и руските медиуми пренесувајќи изјава на шефот на рускиот преговарачки тим Владимир Медински.
Рускиот преговарачки тим уште од утринава се наоѓа во белорускиот град Гомељ, а од Министерството за одбрана порачаа дека ја очекуваат и украинската делегација. Меѓутоа, Зеленски во видеообраќање што го имаше во раните утрински часови порача дека неговата земја е подготвена за мировни преговори со Русија, но не сакаше тоа да се случи на белоруска територија.