МНР ги повикува нашите државјани итно да се јават на телефонскиот број +389 75 273 732 за да се координираат
Од МНР велат дека прават напори да обезбедат евакуација и за нашите државјани кои во моментов се наоѓаат во Харков и Киев и за тоа дополнително ќе информираат. Поради воените дејствија наши луѓе се заглавени и на украинско-полската и украинско романската граница, кои се јавиле во Министерството за да побараат помош. За сите се прават напори да бидат евакуирани што поскоро
Министерството за надворешни работи (МНР) обезбеди евакуација за нашите државјани кои во моментов се наоѓаат во Украина и бара итно да се јават на дежурниот телефонски број за да им дадат информации.
„Апелираме нашите државјани кои се наоѓаат во Одеса, итно да го контактираат министерството, со цел достава на податоци и координација на процесот за евакуација на дежурниот телефонски број +389 75 273 732. Воедно, министерството остварува комуникација со нашите државјани со чии податоци располага, со цел достава на насоки за постапување“,
апелираат од МНР.
Евакуацијата е обезбедена во соработка со партнерските земји.
За нашите државјани во Одеса министерот Бујар Османи информираше и пред два дена на прес-конференција на која најави дека се комуницира со партнерите од НАТО за да се обезбеди безбеден транспорт.
Од МНР вечерва соопштија и дека прават напори да обезбедат евакуација и за нашите државјани кои во моментов се наоѓаат во Харков и Киев и за тоа дополнително ќе информираат.
Токму за еден македонско семејство кое се наоѓа во Киев, „Фокус“ вечерва објави се бара помош. Станува збор за родители со две деца кои подолг период живеат во Киев. Тие моментално се во ходникот од зградата каде живеат бидејќи немало скривница, и побараа јавно помош за да може да се евакуираат.
Покрај македонските државјани во Одеса, Киев и Харков, од МНР велат дека поради воените дејствија наши луѓе се заглавени и на украинско-полската и украинско романската граница, кои се јавиле во Министерството за да побараат помош.
„Амбасадите во Букурешт и Варшава, цел ден активно комуницираат со полските и романските власти, а се обидуваат и преку украинските конзулати во Романија и Полска да им помогнат на овие наши превозници за да ја напуштат украинската територија без да претрпат економски последици“,
велат од МНР апелирајќи до сите превозници да се воздржат од проток и патување кон Украина бидејќи состојбите се крајно непредвидливи.
Претходно, во текот на денот од МНР информираа дека биле евакуирани и македонските дипломати кои беа заглавени во Киев.