Според ОЈО Тетово, осомничениот со бекатон плочка го скршил прозорецот и влегол кај соседите. Го запалил троседот што бил на приземјето и излегол. Во тој момент во куќата била ќерката на соседите и нејзина другарка, кои потоа избегале на поткровјето од каде другите соседи успеале да ги симнат
Жител на тетовското село Теново е под истрага поради сомнение за кривично дело тешки дела против општата сигурност, соопшти Основно јавно обвинителство (ОЈО) Тетово според кое, осомничениот предизвикал пожар во куќата на соседите.
Пожарот, според информациите од обвинителството, го предизвикал на тој начин што го запалил троседот во приземјето од куќата, додека во домот била ќерката на соседите и нејзина другарка.
„Осомничениот претходно во неколку наврати телефонски се заканувал на семејство во селото, а на 25 февруари со пожар предизвикал значителна опасност по животот и телото на луѓето. Тој со бекатонска плочка го скршил прозорецот од приземјето на куќата на оштетените, влегол внатре и запалил еден тросед, по што ја напуштил куќата. Во моментот во домот бил ќерката на сопственикот и уште една другарка. Тие го забележале чадот и се качиле на поткровјето на куќата. Тогаш дошле други соседи кои со скали успеале да ги симнат двете девојки. Од пожарот на куќата била причинета значителна материјална штета“,
соопштија од ОЈО Тетово.
Обвинителството од тетовскиот суд бара на осомничениот да му се одреди и притвор бидејќи цени дека тој може да се крие или да избега, но и да влијае врз сведоците или да го повтори делото.