Се очекува во мај да имаме плус тројца, а врз основа на систематизацијата, треба да бидат 32-ца, со четири подрачни единици, вели директорот на Инспекторатот, Фатмир Исени
Инспекторатот за употреба на јазиците, институција што произлезе од законот за јазици усвоен 2018 година, во моментов располага со само тројца лиценцирани инспектори. Ова во гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат го потврди директорот на Инспекторатот, Фатмир Исени.
„Моментално имаме тројца, се очекува во мај да имаме плус тројца, а врз основа на систематизацијата, треба да бидат 32-ца, со четири подрачни единици, но ова оди побавно, бидејќи треба да добиеме согласност од Министерството за финансии за нови вработувања и комплетирање на Инспекторатот со инспектори“,
рече директорот Исени.

Прашан колку вработувања има предвидено и одобрено за тековната година, директорот на Инспекторатот одговори:
„За оваа година немаме согласност за нови вработувања, бидејќи, нормално, поради кризата со ковид-19, средствата одат во Министерството за здравство. Инспекторатот досега вработи осуммина со оглас, другите дојдоа со трансфер од други институции, со искуство, бидејќи Инспекторатот има потреба од повеќе вработувања и лица со искуство“,
вели Исени.
Поради неодобрување средства во буџетот за тековната година, ќе почека и отворањето на подрачната единица на Инспекторатот во Тетово, една од четири предвидени, иако такво нешто е предвидено во планот за работа во 2022 година.
„Јас кога го изготвував планот мислев да ја отворам подрачната единица во Тетово, но сепак тоа не зависи од мене, туку од тоа дека немаме доволен буџет за отворање на подрачната единица“,
изјави директорот.
Годишниот буџет на Инспекторатот е околу 14 милиони денари (помалку од 250 илјади евра), од кои околу 70 отсто одат за плати на 18 вработени (од околу 80 предвидени со систематизацијата).
