За да дојде до дипломатија, руската воена акција во Украина мора да престане и руските сили да се повлечат. Досега САД не виделе никакви индикации дека Путин е подготвен да дозволи дипломатијата да успее, изјави портпаролот Нед Прајс
Американскиот Стејт департмент ја отфрли понудата на рускиот претседател Владимир Путин за разговори со Украина со објаснување дека тоа не е можно се додека во тек е воена окупација.
Говорејќи пред новинарите во Вашингтон денеска, портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс рече дека не е дипломатија кога се разговара преку оружје.
„За да дојде до дипломатија, руската воена акција во Украина мора да престане и руските сили да се повлечат. Досега САД не виделе никакви индикации дека Путин е подготвен да дозволи дипломатијата да успее“,
рече тој.
Претходно денеска Кремљ соопшти дека Путин е „подготвен“ за разговори на високо ниво со украинската делегација во Белорусија за „неутралност“ и „демилитаризација“ на земјата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва објави дека со американскиот претседател Џо Бајден разговарале за помош во одбраната, но не посочи детали.
Претходно, на прес-конференција во Брисел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг објави дека Алијансата распоредува сили за брз одговор за прв пат во контекст на колективна одбрана.