Новинската агенција Ројтерс наведува дека се слушнале експлозии од артилерија, заедно со интензивни пукотници во западните области на главниот град
Репортерите на големите светски ТВ станици кои се во градот велат дека поради полицискиот час улиците се празни, и дека освен повремени експлозии во далечина, се огласуваат сирените за предупредување, по што жителите одат во скривниците
Градоначалникот на Киев, поранешниот боксерски шампион во тешка категорија, Виталиј Кличко, вечерва изјави дека најмалку пет експлозии се слушнале низ главниот град, а некои биле во близина на електраната на северот од градот.
„Службите за итни случаи проверуваат. Ги чекаме деталите“,
рече Кличко.
Опишувајќи ја ситуацијата во градот, тој рече дека „без претерување – е заканувачка за Киев“, додавајќи дека ноќта ќе биде „многу тешка“.

Новинската агенција Ројтерс наведува дека се слушнале експлозии од артилерија, заедно со интензивни пукотници во западните области на главниот град, по што се огласиле и сирените за опасност.
Репортерите на големите светски ТВ станици кои се во градот велат дека поради полицискиот час улиците се празни, и дека освен повремени експлозии во далечина, се огласуваат сирените за предупредување, по што жителите одат во скривниците.
Видеата од претходно денеска покажаа оклопни возила како напредуваат низ северните делови на градот.
Украина соопшти дека 18 000 автоматски пушки се поделени на доброволци.

Репортерите известуваат дека мажи во тренерки и фармерки со пушки преку грб, се на контролни пунктови и скриени во грмушки покрај пат, додека млади доброволци лежат на земја зад противтенковски оружја.
Наводно, на мажите на возраст од 18 до 60 години, кои би можеле да бидат регрутирани, сега им е забрането да ја преминат границата.

Претставник на американската одбрана претходно оцени дека руските сили го изгубиле интензитетот во нивната инвазија на Украина.
Според новинската агенција Ројтерс, официјалниот претставник рекол дека досега не е заземен ниту еден украински центар со население, но некои руски проектили погодиле станбени области.