Шефот на дипломатијата вели дека последиците обично се одразуваат онаму каде што се слабите точки, а Балканот, вели тој, е слаба точка на Европа. Сепак, тој нагласува дека нема директна закана за Северна Македонија. Руската инвазија, според него, покрај безбедносно, ќе се одрази и економски, односно последиците ќе се почувствуваат и кај цените на прехранбените производи. Во однос на бегалски бран, пак, моменталните процени се дека таков нема да нè погоди брзо нас како држава

Руската агресија во Украина ќе има сериозни последици врз европската безбедносна архитектура, оцени денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи, според кој во вакви ситуации тоа најмногу се манифестира на слабите точки, а Балканот е слабата точка на Европа.
„Конфликтот во однос на руската агресија во Украина ќе има сериозни последици по европската безбедносна архитектура. Тоа значи по целиот континент. А, каде обично тоа се манифестира најмногу? На слабите точки, на Ахиловите пети. Балканот е слабата точка, непокриениот дел на ЕУ, раната на ЕУ и се разбира дека може да има импликации и од обиди на надворешни геополитички фактори или од регионални фактори кои може да се обидат да го искористат овој хаос за остварување на цели. Треба да бидеме многу внимателни ние тука во регионот и затоа се овие чести комуникации со регионални фактори, да бидеме координирани. Тоа што се усогласивме и имавме заеднички став е дека никој во регионот не сака конфликт и ескалација“,
порача денеска Османи по средбата со српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ.
Сепак, нагласи министерот, ние како држава не сме директно под закана, а според него, тоа се должи на нашето членство на НАТО.
„Ние како држава директно не сме под некоја безбедносна закана, фактот што сме членка на НАТО е квалитативна голема разлика и во пристапот до информациите кои ги имавме. Ние во реално време ги имавме сите информации, ги знаевме сите чекори на Москва пред две недели и тоа дава можност да донесете добро информирани одлуки, да се подготвувате за кои било последици. И второ, НАТО е сојуз кој се грижи за секој метар квадратен од територијата на своите земји членки што значи дека ние сме под заштита на НАТО, но се разбира ги преземаме сите мерки по однос на заштита од сајбер напади и од други мерки кои Владата ги расправа во претходните недели на предлог на МНР. А, ќе имаме и денес таква седница“,
рече министерот.
Според шефот на дипломатијата, руската инвазија ќе се одрази и на економијата, односно на цените на прехранбените производи.
„Секако ќе има и економски импликации, тие веќе се чувствуваа уште пред да се случи агресијата. Во цените на гасот, во цените на изворите на енергија, а тоа ќе се манифестира уште повеќе во цените на другите производи вклучувајќи ги и прехранбените. Ова не е ситуација во која би сакале да бидеме, ова е ситуација која се случува еднаш по Втората светска војна“,
рече Османи.
Министерот зборуваше и за бегалски бран од Украина, за кој рече дека има земји членки на ЕУ кои прават планови, но во моментов нема проценка дека тоа може брзо да се случи и кај нас зашто сепак географски „има еден ред држави помеѓу нас и Украина“.
„Меѓутоа, доколку ова состојба ескалира повеќе, сигурно и тоа може да се случи“,
додаде Османи.