Воените сили на Украина објавија дека се водат битки на 45 односно 60 километри северно и северозападно од главниот град
Украинската армија соопшти дека има борби со руските сили во непосредна близина на главниот град Киев.
„Украинските вооружени сили се борат во областите на населбите Димер и Инванкив“,
соопшти армијата на Киев на својата фејсбук-страница.
Димер е околу 45 километри северно од Киев, додека Иванкив е околу 60 километри северозападно од главниот град на Украина.
Украинскиот министер за надворешни работи денеска објави дека Киев бил под „ужасни“ руски напади во текот на ноќта.
„Последен пат нашиот главен град доживеа нешто слично во 1941 година, кога беше нападнат од нацистичка Германија. Украина го победи тоа зло и ќе го победи ова“,
напиша Дмитро Кулеба на Твитер.
Кулеба повторно повика на строги санкции против Русија и нејзиниот лидер Владимир Путин и ги повика земјите да ги прекинат сите врски со Москва и „да ја исфрлат Русија од секаде“.
„Стоп за Путин. Изолирајте ја Русија“,
напиша тој.
Киев од раните утрински часови е цел и на ракетни напади од руските сили. Тоа го потврдија и украинските власти кои рекоа дека успеале да спречат дел од нападите.
Советник во украинското Министерство за внатрешни работи претходно изјави и дека очекуваат оти Москва ќе се обиде да го заземе Киев на тој начин што ќе сака да влезе со тенкови во главниот град. Дел од украинските медиуми, пак, објавија дека за да го спречи тоа, украинската војска руши и мостови.
Photo: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO