Претставниците на ЕУ и САД изјавија дека очекуваат Белград да го усогласи својот одговор на признавањето на Русија на двата отцепени региони во Источна Украина со Западот, вклучително и во однос на санкциите
Претседателот на српското собрание и на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, оцени денеска дека Србија не смее да се приклучува кон разни осуди и санкции против Русија, бидејќи земјите што го бараат тоа од Србија не помогнале во 1999 година, кога Србија беше бомбардирана.
Говорејќи за РТС, Дачиќ кажа дека официјален Белград треба да ги зачува односите со Европската Унија, но и со Русија и Кина, „бидејќи никој нема да нè брани ако тие (Русија и Кина) престанат да нè бранат“.
„Дали ние (Србија) сме енергетска сила, па сè да зависи од тоа како ќе се изјасниме?! Мора да си ги гледаме нашите интереси. Доста гиневме за други“,
изјави Дачиќ.
Дачиќ кажа дека кризата во Украина се случила затоа што Западот не го почитувал договорот НАТО да не се шири во Источна Европа.
„Мораме да балансираме, и украинскиот и рускиот народ ќе платат висока цена. Апелираме за мир“,
изјави Дачиќ, чија партија е дел од актуелната влада во Србија.
Претседателот Александар Вучиќ, пак, претходно закажа итна седница на Советот за национална безбедност, која е во тек, а на тема за актуелните настани во Украина.
Во 15 часот, пак, седница ќе одржи и српската влада и на неа се очекува и обраќање на Вучиќ.
Тој вчера изјави дека Србија со одговор на кризата во врска со Украина ќе излезе во следните 48 часа и дека српскиот став ќе биде принципиелен како и досега, заснован на почитување на меѓународното право.
Претставниците на ЕУ и САД изјавија дека очекуваат Белград да го усогласи својот одговор на признавањето на Русија на двата отцепени региони во источна Украина со Западот, вклучително и во однос на санкциите.