Таа е чисто академска комисија на која ѝ треба простор и време за да работи и јас сум умерен оптимист во однос на изнаоѓањето решение, изјави денеска историчарот Драги Ѓоргиев
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања паузира во активностите и ќе нема средби до завршувањето на изборите во земјава. Ова го соопшти денеска шефот на македонскиот тим, историчарот Драги Ѓоргиев, посочувајќи дека контактите со бугарските колеги, сепак, не се целосно прекинати.
На последниот состанок, на 28 и 29 ноември 2019 во Софија, тимовите на двете земји решија неколку месеци да не се состануваат додека трае предизборниот период, откако лани во октомври беа најавени предвремените парламентарни избори во Северна Македонија што ќе се одржат на 12 април.
„Работата на Комисијата не е целосно прекината. Во меѓувреме, ние секако дека имаме контакти. Сè уште ги усогласуваме записниците од последната средба, ги преведуваме на македонски и на бугарски јазик“,
рече Ѓоргиев.
Покрај учебниците за седмо и за осмо одделение, на последните три средби тема беше и заедничкото чествување на Гоце Делчев, што ги отвори и различните позиции на двете страни кои, се чини, се непомирливи. Во однос на изнаоѓањето решение, Ѓоргиев одговори дека е умерен оптимист, нагласувајќи дека работата на комисијата не би сакал да ја врзува со политиките на двете држави.
„Тоа е чисто академска комисија на која ѝ треба простор и време за да работи и јас сум умерен оптимист во однос на изнаоѓањето решение. Се имаме помрднато во некои погледи за Гоце Делчев, за учебниците полесно одат работите, меѓутоа потребно е време и оставање на самата комисија да решава некои работи без политички притисок“,
изјави Ѓоргиев.
Во однос на периодот по 194 година и дали постои Македонија, тој рече дека за тие преоди е многу пишувано во историографиите на двете земји и тука не станува збор, како што рече, дали постои или не постои Македонија.
„Постојат историски факти кои ние, историчарите, сме ги толкувале и понатаму ќе се толкуваат. Од тој аспект нема да се случи радикална промена, да се смени историјата или нешто да се избрише. Фактите не можат да се избришат“,
рече Ѓоргиев, кој денеска присуствуваше на годишното собрание на МАНУ.