И покрај упатениот повик до министерот за земјоделство Љупчо Николовски, претставниците на Иницијативниот одбор за заштита на оризопроизводството се незадоволни поради тоа што досега не оствариле средба со ресорниот министер и други владини претставници. Оттаму велат дека целиот координативен тим на Одборот е на став дека треба да има протест пред ресорното министерство, а очекуваат на протестот да им се придружат и земјоделци од другите региони во државата, од кои добиваат поддршка
Оризопроизводителите од кочанскиот регион во вторник ќе излезат на протест пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Скопје за да ги повторат барањата за подобрување на состојбата во која се наоѓаат, откако претходно го блокираа магистралниот пат во Облешево во понеделникот.
И покрај упатениот повик до министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, претставниците на Иницијативниот одбор за заштита на оризопроизводството се незадоволни поради тоа што досега не оствариле средба со ресорниот министер и други владини претставници.
Оттаму велат дека целиот координативен тим на Одборот е на став дека треба да има протест пред ресорното министерство, а очекуваат на протестот да им се придружат и земјоделци од другите региони во државата, од кои добиваат поддршка.
„Проблемите на сите ни се заеднички ако се имаат предвид драстично зголемените трошоци, особено со порастот на цените на ѓубривата и другите препарати. Ќе побараме, како што растат цените на репроматеријалите, така и откупните цени на оризот, пченката, пченицата, јаболката, грозјето и другите земјоделски култури да се зголемуваат сразмерно“,
истакна Здравко Арсов од Иницијативниот одбор за заштита на оризопроизводството.
Претходно, на блокадата во Облешево оризопроизводителите побараа до септември да продолжи рокот за интервентната финансиска поддршка од три денари за килограм арпа, редовните субвенции да бидат исплатени до крајот на февруари и да се зголеми поддршката за „зелена нафта“.
Дополнително, упатија барање за реорганизирање на акционерското друштво за водостопанство, односно да се врати системот на водни заедници, со што земјоделците ќе бидат вклучени во организацијата за наводнување на површините.