Пендаровски: Доколку се случи уште едно одложување, од јуни па натаму, тогаш проевропските сили и проевропските политичари или реформисти нема да победат на други избори во оваа земја
Петков и Ковачевски испратија измешани пораки при нивните обиди да го премостат јазот во пресрет на годишнината од Делчев. Иако двајцата најавија дека се работи за заедничка прослава, Петков одлучи да оди во бугарскиот град Благоевград, а Ковачевски отиде во Брисел. Дури и двајцата поранешни премиери, Заев и Борисов успеаја да се соберат за Делчев, положувајќи венци на неговиот гроб на 4 јануари 2017 и 2019 година
Дебатата за македонскиот идентитет што доведе до тоа Бугарија да стави вето на пристапот на нејзиниот сосед во ЕУ, влезе во третата година. Новата влада во Бугарија, по долготрајната политичка криза во која земјата одржа два неуспешни изборни циклуси, сигнализира нова перспектива на дебатата која, во суштина, вклучува историски настани од векови наназад, пишува „Еуроњуз“ во анализа за најновите случувања на релација Скопје-Софија.
Започнувањето на преговорите за членство на Северна Македонија со Унијата бара целосен консензус од сите 27 земји членки, а Бугарија ја користи најзначајната моќ што им е дадена на земјите членки – да стави вето на пристапувањето на кандидат, со тоа што се држи до нејзините барања за голем број отстапки од Македонија, настојувајќи дека јазикот и историските личности, всушност, се бугарски.
Сепак, македонскиот претседател Стево Пендаровски сè уште се труди да објасни зошто настаните што се случиле во далечното минато имаат толку несразмерно влијание врз судбината на неговите сограѓани денес.
„Не можам да му објаснам на просечниот македонски гласач или граѓанин колку е важно за влез во ЕУ – организација основана во 1957 година, во 20 век, каква етничка припадност бил Гоце Делчев или некој друг темелен херој, како цар Самуил пред десет века“,
вели тој за „Еуроњуз“.

Во анализата се посочува и дека одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев доведе до протести и во Скопје и во Софија: „Новиот бугарски премиер, Кирил Петков, и неговиот македонски колега, Димитар Ковачевски, досега испратија измешани пораки при нивните обиди да го премостат јазот меѓу двете земји во пресрет на годишнината од Делчев. Иако двајцата најавија дека се работи за заедничка прослава, што многумина го сфатија како знак дека Петков повторно ќе го посети Скопје, тој, наместо тоа, одлучи да оди во бугарскиот град Благоевград, во друштво на претседателот Румен Радев. Ковачевски отиде во Брисел“.
„Еуроњуз“ потоа пишува дека дури и двајцата поранешни премиери, Зоран Заев и Бојко Борисов, успеаја да се соберат за Делчев, положувајќи венци на неговиот гроб на 4 јануари 2017 и 2019 година.
Последното билатерално ладно рамо за комеморацијата на Делчев, како што се наведува, е во спротивност со целокупното затоплување на односите што Петков го покажа за време на неговата посета на Скопје на 18 јануари, само еден месец откако тој ја презеде функцијата и два дена откако парламентот на Северна Македонија го одобри кабинетот на Ковачевски.
И иако македонскиот претседател сè уште верува дека Петков и Ковачевски можат да го решат ќор-сокакот, како „млади луѓе кои доаѓаат надвор од политичкиот мејнстрим (кој) зборува на различен јазик“, тој е загрижен дека можеби ќе и биде нанесен удар на улогата на ЕУ како решавач на проблеми во спорот.
„Можам да ви кажам дека падот во Северна Македонија е поголем од каде било во која било друга земја од Западен Балкан. Ако ги погледнете анкетите, ние сме паднати за 20 или 25 отсто откако го имавме референдумот за промена на името“,
вели Пендаровски.
Северна Македонија веќе прескокна значителни пречки за да ја покаже својата посветеност за пристапување во Унијата. Во 2018 година, Република Македонија се согласи да оди дотаму што го промени своето име во Северна Македонија и го потпиша Договорот од Преспа со Грција, добивајќи многу пофалби.
„Прашањето на референдумот беше ‘Дали сакате вашата земја да го смени името за да влезе во НАТО и да започне преговори со ЕУ?’ И огромно мнозинство од народот, 91 отсто од оние што гласаа тој ден кажаа ‘да’. Сега не видовме ништо од ЕУ. Зошто? Затоа што една земја-членка, само една земја-членка од 27 вели дека треба да разговараме за историјата. Ајде”,
вели Пендаровски.
Бугарскиот поранешен заменик-министер за надворешни работи, Љубомир Кјучуков, вели дека Договорот за добрососедство (на кој и тој работел) е спротивен на Договорот од Преспа.
„Тие имаат различни цели, различни задачи. Грците се обидоа да докажат дека сегашната македонска држава нема никаква врска со грчката историја. Ние се обидуваме да докажеме дека сè е заедничко. За нас потпишувањето на Договорот беше почеток на изнаоѓање решение за проблемот, бидејќи тоа е процес“,
вели Кјучуков за „Еуроњуз“.
Во анализата се третира и улогата на Красимир Каракачанови и на бугарското ВМРО во подгревање на спорот меѓу двете земји. Исто така, како што се наведува, иако ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски тврдат дека се номинално проевропски настроени, нивната опасна игра со национализмот и запаливите пораки се закануваат да ги поткопаат односите на Северна Македонија со Бугарија и патот на земјата кон ЕУ.
„Овие два национализми се хранат еден со друг. Тие го отежнуваат изнаоѓањето заедничко решение бидејќи гледате дека и двајцата премиери, ако не се нарекуваат предавници (на дневна основа), постојано се смета дека ги загрозуваат националните интереси кога станува збор за овој дијалог“,
вели Кјучков.
Пендаровски се согласува дека во Брисел има замор околу интеграцијата во ЕУ.
„Но, можам да ви кажам дека постои замор и од наша страна. Статусот на земја кандидат за членство го имаме 17 години. Тој статус го добивме во декември 2005 година, а сè уште зборуваме за почеток на преговори, 17 години подоцна. Знаете, нам ни е преку глава од сите овие приказни за географски дел од Европа. Би сакале конечно да бидеме институционален дел од Европа. Нема да се откажеме. Тоа е сигурно. Но, можам да ви кажам дека доколку се случи повторно уште едно одложување, од јуни па натаму, тогаш проевропските сили и проевропските политичари или реформисти нема да победат на други избори во оваа земја“,
вели Пендаровски во анализата на „Еуроњуз“.