Русија и Белорусија започнуваат со најавените заеднички воени вежби во близина на источните граници на НАТО и Украина, пренесуваат тамошните медиуми.
Под назив „Сојузничка решителност“, вежбите доаѓаат во време на високи тензии околу трупањето руски војници во близина на границата со Украина. НАТО веќе излезе со став дека овие вежби значат најголемо распоредување на војска на Русија во поранешната советска Белорусија уште од Студената војна, пренесува Би-би-си.
Западот веќе со месеци предупредува на можна руска инвазија на Украина, што Москва го негира.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко деновиве изјави дека во декември се договорил со рускиот претседател Владимир Путин да одржат „силни“ воени вежби преку „белорускиот балкон“ на нејзините западни и јужни граници, пишува радио Слободна Европа.
Се очекува околу 30 000 руски војници да учествуваат во вежбите со Белорусија.