Соединетите Американски Држави денеска соопштија дека не испраќаат војници за да почнат војна против Русија, откако распоредија дополнителни 3 000 војници во Германија и Источна Европа поради руско-украинската криза на границата.
„Претседателот Џо Бајден со месеци е „на чисто“ дека САД не испраќаат сили за да започнат војна или да водат војна со Русија во Украина“,
изјави советникот за национална безбедност, Џејк Саливан, за Фокс Њуз Сандеј.
– Испративме сили во Европа да ја бранат територијата на НАТО, рече тој.
Саливан, исто така, изјави за Ен-Би-Си дека „воена ескалација и инвазија на Украина може да се случи во секое време“.
„Ние веруваме дека Русите изградија капацитет да спроведат значајна воена операција во Украина и работиме напорно за да подготвиме одговор. Претседателот Бајден ги собра нашите сојузници. Тој ги зајакна и ги увери нашите партнери на источното крило, им даде материјална поддршка на Украинците и одделно им понуди на Русите решение по дипломатски пат“,
рече Саливан
Украинското претседателство пак, денеска оцени дека шансите за изнаоѓање дипломатско решение“ за кризата со Русија се значително поголеми од можноста за воена ескалација.
„Шансите за изнаоѓање дипломатско решение за деескалација се многу поголеми од заканата од нова ескалација“,
рече Михаил Подолијак, главен советник на претседателството на Украина, по предупредувањата од американските разузнавачи дека Москва ги засилува подготовките за голема инвазија на Украина.
„Голема концентрација на руски војници во близина на нашите граници трае од минатата пролет, но за да изврши „голем психолошки притисок“, Русија спроведува големи ротации, организирајќи маневри и движења на оружје“,
се вели во писмената изјава, доставена од украинското претседателство до агенцијата Франс прес, пренесува Бета.
Тој додаде дека Украина и нејзините западни сојузници треба да бидат подготвени на сите сценарија и рече дека Украина ја спроведува „таа задача 100 отсто“.