Францускиот претседател утре ќе оди во Москва и Киев во обид да го зајакне влијанието на Европа во решавањето на украинската криза
Францускиот претседател Емануел Макрон отпатува за Москва каде ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, со надеж дека ќе ја смири кризата на истокот од европскиот континент.
Како што јави дописникот на МИА, повикувајќи се на медиумот „Журан ди диманш“, разговорите ќе се одржат во понеделник попладне и навечер. Не е поставено временско ограничување, а двајцата шефови на држави ќе се сретнат сами – исклучиво придружувани од преведувачи и лица кои земаат белешки.
Состанокот очи в очи е замислен за да промовира најотворен можен дијалог, без присуството на нивните соодветни тимови да влијаат врз двајцата претседатели. Последната средба меѓу двајцата претседатели датира од мај 2018 година, во просторот на палатата Константин во Санкт Петербург. Во тоа време, потсетува „Журнал ди диманш“, Владимир Путин веќе изјави дека дијалогот „секогаш е подобар од конфронтацијата“.
Се разбира, Емануел Макрон не се надева дека сам ќе постигне повлекување на руските војници и крај на украинската криза.
„Треба да бидете многу реални. Нема да добиеме еднострани гестови, но од суштинско значење е да се избегне влошување на ситуацијата пред да се градат механизми и гестови на меѓусебна доверба“,
рече претседателот на Франција во интервјуто за „Журнал ди Диманш“.
Емануел Макрон, сепак, е смирувачки и ја минимизира можноста за инвазија на Украина.
„Геополитичката цел на Русија денес очигледно не е Украина, туку да ги разјасни правилата за кохабитација со НАТО и ЕУ“,
уверува тој.
По средбата во Москва, во вторник Макрон ќе отпатува за Украина. Тој се надева дека ќе може да му претстави на Володимир Зеленски, украинскиот претседател со кој ќе се сретне во Киев, смирувачки елементи.
Во зависност од тоа како ќе се одвива неговата средба со Владимир Путин, Емануел Макрон би можел потоа да оди на плоштадот Мајдан за да им оддаде почит на мачениците од револуцијата во 2014 година – што би било извонреден гест во однос на рускиот лидер.
Во „Журнал ди Диманш“ тој тврди дека ги зема предвид поплаките на двете страни:
„Безбедноста и суверенитетот на Украина или на која било друга европска држава не можат да бидат предмет на никаков компромис, исто како што е легитимно за Русија што го поставува прашањето за сопствената безбедност“,
вели тој.
Инаку, Пентагон и ЦИА веќе објавија проценки дека руските војници би можеле да го освојат Киев за само неколку дена, а тоа би предизвикало 50 000 цивилни жртви и хуманитарна катастрофа со пет милиони бегалци што ќе ја преплават Европа.
Франција пак, претседава со Европската унија и со медиумите во ЕУ, а аналитичарите прават паралела меѓу решеноста на Макрон, исто така со поддршка на германскиот канцелар Олоф Шолц, да ги сврти ескалацијата и заканата од војна кон дипломатија, преговори и мир, исто како што поранешниот француски претседател Никола Саркози 2008 – со посредство во Москва и Тбилиси успеа да го запре рускиот воен упад во Грузија и да постигне примирје и со тоа да постигне голем светски дипломатски успех за Европа.