Претседателот на Комисијата за заразни болести најави дека во наредниот период ќе следуваат силни препораки за примање на трета доза бидејќи тој процент кај нас е исклучително мал – само 5 отсто. За споредба, потенцира Петличковски, во Англија над 65 отсто од населението примило и трета доза
Од Комисијата се повикаа и на податоците дека во периодот од 1 до 31 јануари 2022 година од вкупниот број починати пациенти, само шест имале примено трета доза, но сите биле со други коморбидитети: еден бил пациенти на 48 години со карцином, повеќето имале дијабетес, еден бил и со преживеан инфаркт, а тројца биле и со обезност.
Повикувајќи се на оваа анализа, Петличковски нагласува дека заштита од смрт и хоспитализација е над 90 отсто ако станува збор вакцинирани пациенти со три дози или вакцинирани со две, но од втората доза да е примена во последните три месеци.
„Оваа анализа од 1 до 31 јануари 2022 имаше точно за цел да ги подели ризиците за смрт и хоспитализација не само по однос вакциниран туку и колку време поминало после вакцинацијата. Ако по тој основ сметаме подолго од 6 месеци поминато време ефикасноста на вакцината не е истата како по три месеци после вакцинацијата. Таму многу јасно се одвоени, над 97 проценти е заштитата на вакцинацијата по однос на смрт и над 91 по однос на хоспитализација доколку се работи за вакцинација по последните три месеци или доколку се работи за вклучена трета доза. И во светот, заокружен циклус на вакцинација веќе се однесува или на три дози или на прележаност со две дози. Но, поентата ми е дека трите дози во моментот се тие кои даваат гаранција над 95 проценти за заштита од смрт и повторно тука има и мал процент и човек вакциниран со три дози да заврши лошо, но шансите се многу мали“,
рече Петличковски.
Тој најави дека во наредниот период ќе следуваат силни препораки за примање трета доза бидејќи тој процент кај нас е исклучително мал – само 5 отсто. За споредба, потенцира Петличковски, во Англија над 65 отсто од населението примило и трета доза.
Покрај пораката за трета доза, од Комисијата за заразни болести информираа и дека од денешниот состанок произлегоа уште три други препораки: потврдата за прележан ковид да важи 180 дена; јавно да се објават протоколите за лекување од ковид, како и да се процени преносливоста на вирусот во школите и да може да се тестираат децата од одделенијата каде ќе се појават позитивни случаи.
Photo: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI