Останатите препораки се однесуваат на примање трета доза; јавно да се објават протоколите за лекување од ковид, како и да се процени преносливоста на вирусот во школите и да може да се тестираат децата од одделенијата каде ќе се појават позитивни случаи

Потврдата за прележан ковид-19 да важи 180 дена, а не 45 како што е актуелната одлука, е една од четирите препораки кои произлегоа од денешниот состанок на Комисијата за заразни болести.
Со ова, ќе се усогласи и времетраењето на сертификатот со останатите земји во ЕУ и светот каде потврдата за прележување на болеста важи до 180 дена.
Втората препорака е населението да се вакцинира со трета доза со оглед дека анализите покажуваат оти исклучително е мал процентот на заболени кои завршиле со смртен исход, а примиле засилувачка доза од вакцината.
„Втората е поврзана со извештајот кој беше презентиран од Институтот за јавно здравје каде е направена анализа од 1 до 31 јануари за 2022. Анализата покажува дека само шест лица од пациентите кои примиле трета доза завршиле со смртен исход. Сите смртни случаи кои биле констатирани имале дополнителни болести како дијабет, карцином, кардиоваскуларни заболувања и обезност“,
рече докторот Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата.
Следната препорака која ја дава Комисијата е упатствата за лекување на пациенти од ковид-19 да бидат објавени на веб-страниците на Министерството за здравство и на Лекарската комора, како и да бидат испратени до сите матични лекари. Станува збор за упатства кои веќе постојат, а се изработени од работната група при Министерството за здравство и од Катедрата за семејна медицина.
„Последната препорака се однесува за учениците: дел од достапните тестови во МЗ ќе се користат за проценка на преносливоста на вирусот во школски услови, а дел од нив ќе се користат за т.н. стратегија ’Тестирајте за да останете во училиште‘ која предвидува изложените ученици во одделенијата каде имало позитивен случај да може да се тестираат со цел да се овозможи останување во процесот на настава со физичко присуство доколку се утврди дека тој тест кој ќе биде направен ќе биде негативен“,
рече Мехмедовиќ.
Во однос на прашањето за децата да не носат маски во училиште, како што бараа дел од родителите, Мехмедовиќ посочи дека не е разговарано за тоа, но потсети дека актуелните препораки и на Светската здравствена организација и на Европскиот центар за контрола на болести е да се носат маски.