Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги повикува пратениците од СДСМ, како што рече Василевска, „да се вразумат и сериозно да ја прочитаат декларацијата“
И министерот за надворешни работи Бујар Османи се изјасни дека е против таква декларација, при што истакна дека нè враќа назад во процесот на преговори со Бугарија за надминување на разликите и деблокадата на евроинтеграцијата на земјата
Не е спорен ниту еден аспект од декларацијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Од СДСМ пропуштија уште една можност да кажат барем што виделе спорно во предложената декларација, изјави денеска Иванка Василевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
Целта на партијата со поднесената декларација, рече таа, е да ги обедини сите чинители во општеството околу значењето на ликот и делото на Делчев во револуционерната борба за македонска државност.
„Од СДСМ треба да кажат дали за нив е спорно во училиштата да се спроведат активности со кои учениците ќе се запознаат уште повеќе со ликот и делото на Гоце Делчев или тоа што се повикува Институтот за национална историја и МАНУ да организираат научни собири или, пак, повикот до медиумите со пригодни содржини да го одбележат јубилејот од 150 години од раѓањето на Гоце Делчев? За жал, не само што не се обедини туку и го дели народот по оваа тема. Тоа отвора сериозен сомнеж дека Ковачевски преговара за Гоце Делчев, а со тоа и за целокупната револуционерна борба за македонска државност“,
рече Василевска.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги повикува пратениците на СДСМ, како што рече Василевска, „да се вразумат и сериозно да ја прочитаат Декларацијата“.
„Вакви брзоплети реакции имаа и за Резолуцијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во јули минатата година, но потоа ја прифатија и на тој начин се создаде национално единство и црвени линии. Очекуваме и сега тоа да се случи бидејќи ликот и делото на Делчев се подеднакво рамниште како и идентитетските прашања“,
додаде пратеничката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
За СДСМ декларацијата за заштита на ликот и делото на македонскиот револуционер Гоце Делчев, која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе до Собранието, е популизам, политички чекор и подметнување од страна на опозицијата, „со цел да се продлабочат поделбите на македонскиот народ“.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, вчера рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат и да ја повлечат нивната, како што вели, т.н. декларација.
И министерот за надворешни работи Бујар Османи се изјасни дека е против таква декларација, при што истакна дека нè враќа назад во процесот на преговори со Бугарија за надминување на разликите и деблокадата на евроинтеграцијата на земјата.