Да се набави соодветна опрема за заштита, како маски, сапуни и дезинфекциски средства во институциите, да се ограничи влезот во земјата на граѓани што доаѓаат од Северна Италија и да се одложат училишните екскурзии, се дел од владините заклучоци за заштита од коронавирусот.
На денешната седница е утврден и заклучокот од Министерството за здравство да формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата.
Ова се заклучоците што денеска ги донесе владата:
– Владата донесе заклучок да го ограничи влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир;
-Владата му наложи на Министерството за здравство итно да набави соодветна количина на заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот;
-Министерството за здравство треба итно да набави соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети;
-Владата донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, како и да организира едукативни часови за превенција од корона вирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје.
Меѓу заклучоците на Владата за превенција и за справување со опасностите, на граѓаните на земјата им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот.
Исто така, се препорачува до установите за згрижување деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.