И во вечерашното интервју, опозицискиот лидер бараше вонредни избори, по што реагираа од СДСМ, посочувајќи дека „среде енергетска и здравствена криза, не е време за избори кои чинат пари, го блокираат стопанството, ја кочат државата…“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повикува лидерот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, на средба во седиштето на опозициската партија.
Во интервју за Канал 5, на прашање дали има комуникација со Ковачевски и кога би имале средба, Мицкоски истакна дека се уште нема прецизен термин.
„Нема се уште прецизен термин. Имаше еден колоквијален разговор – ‘би сакал да организираме средба’, реков – ‘во ред да организираме, кабинетите нека договорат термин’. Нема ништо од нивна страна. Така што тоа е тоа. Тој е тој што рече ќе викнел. Ете ја користам оваа прилика повикам да дојде на лидерска средба во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ“,
рекол Мицкоски, како што пренесоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Во прво време, пред изборот на владата на Ковачевски, од ВМРО-ДПМНЕ излегуваа со став дека Мицкоски би одел на средба со лидерот на СДСМ само ако разговараат за предвремени парламентарни избори.
И во вечерашното интервју, Мицкоски се заложи за вонредни избори.
„Ценам дека час поскоро, ако се одговорни и ако им мислат добро на граѓаните и на Македонија, треба да седнеме на една лидерска средба, да ги договориме правилата на игра и да одиме на предвремени парламентарни избори. Има неколку начини до предвремени парламентарни избори, ја разработуваме стратегијата, институционална и вонинституционална. Ние ќе продолжиме и понатаму да правиме притисок и да бараме предвремени парламентарни избори затоа што ќе повторам дека тоа е добро за државата“,
рече Мицкоски.
На прашање дали ВМРО-ДПМНЕ планира протести во наредниот период, Мицкоси одговори потврдно, оценувајќи дека она што е на анкетите како јавно мислење треба да се преслика и на терен.
Од СДСМ, пак, реагираа го интервјуто на Мицкоски, повторувајќи дека нема да има избори до 2024 година.
„Во услови кога Владата, заедно со стопанството, се бори за секој денар, работи на покачување на платите со цел заштита на граѓаните, алчниот Мицкоски мисли само на себе и партијата. Таков лидер во оваа држава не е потребен. Мицкоски потврдува дека е неодговорен и нема чувство за државност.
се наведува во реакцијата на СДСМ.
Среде енергетска и здравствена криза, не е време за избори кои чинат пари, го блокираат стопанството, ја кочат државата и имаат низа други негативни последици врз економијата.
Државност е да се преземе одговорност за решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Нема да дозволиме неодговорноста на Мицкоски да биде на штета на државата. Избори нема да има до 2024 година“,