Во телефонскиот разговор што се случи откако Макрон не ја исклучи можноста да ја посети Русија за да се најде дипломатско решение за кризата, „двајцата лидери ја потврдија поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, соопшти американската администрација
Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот француски колега Емануел Макрон вчера се согласија координирано да одговорат на руското воено присуство на украинската граница, соопшти Белата куќа.
Во телефонскиот разговор што се случи откако Макрон не ја исклучи можноста да ја посети Русија за да се најде дипломатско решение за кризата, „двајцата лидери ја потврдија поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, соопшти американската администрација.
Тие разговараа и за „координацијата што во моментов е во тек на дипломатско и на ниво на подготовки за воведување брзи и остри економски санкции кон Русија во случај на натамошна окупација на Украина“.
„Претседателот Бајден и претседателот Макрон се договорија нивните тимови да бидат во редовен контакт, консултирајќи се и со сојузниците во НАТО и со партнерите од ЕУ, за нашиот координиран и глобален пристап за решавање на овие прашања“,
се наведува во соопштението.
Од крајот на 2021 година Западот ја обвинува Москва дека собира десетици илјади војници во близина на украинската граница за можна инвазија.
Русија одговара дека нема намера да ја нападне Украина, туку дека само е загрижена за својата безбедност.