Зборот манипулација беше погрешно употребен и требаше да биде дообјаснет, на Комисијата за заразни болести ѝ се извинувам за недоразбирањето, напиша Мехмедовиќ на Фејсбук по реакциите во медиумите што ја предизвика неговата претходна изјава за „Утрински брифинг“
Новиот портпарол на Комисијата за заразни болести д-р Злате Мехмедовиќ во денешното гостување во емисијата „Утрински брифинг“, на новинарско прашање за смртноста од ковид-19 во земјава, одговори дека постоела „манипулација со бројките и дека Комисијата за заразни болести ќе разговара за тоа“, а потоа на својот фејсбук-профил објасни што сакал да каже со тоа бидејќи изјавата предизвика многубројни реакции во медиумите.
„Би сакал да појаснам, пред сè поради големиот интерес на новинарите што точно значи ‘манипулацијата’ со бројките. Не се работи за манипулација на бројките од страна на претходната Комисија за заразни болести, туку за начинот на кој се интерпретираат бројките во јавноста. Долго време се разговараше на темата дека во ковид- евиденцијата се водат и починатите од друга болест или несреќен случај кај кои е посмртно докажано присуство на коронавирусот, а тоа може да биде и причина за големата смртност, и тоа е нешто за што ќе се отвори дискусија на КЗБ“,
пишува Мехмедовиќ на Фејсбук и истакнува дека зборот „манипулација“ бил грешно употребен од негова страна.
„Комисијата за заразни болести водела точна евиденција согласно препораките на СЗО за смртноста и не станува збор за манипулации на тие бројки, туку за манипулациите и дезинформациите во јавноста поврзани со смртноста за која основната причина е ковид. Зборот манипулација беше погрешно употребен и требаше да биде дообјаснет, на Комисијата за заразни болести ѝ се извинувам за недоразбирањето“,
додава Мехмедовиќ.