Попладнево треба да заседава Економско-социјалниот совет откако ССМ го одреди денешниот ден како последен рок за излегување во пресрет на нивното барање
Економско-социјалниот совет на Владата попладнево треба да ги разгледа можностите за зголемување на минималната плата на 18 000 денари откако Сојузот на синдикати (ССМ) го одреди денешниот ден како последен рок за излегување во пресрет на нивното барање. Во спротивно, ССМ најавува генерален штрајк.
Од Владата велат дека минималната плата треба да се зголеми, но дека треба да се бара системско решение преку дијалог меѓу социјалните партнери. На денешната седница, според најавите на министерката за труд и социјална политика, се очекува да се отвори и прашањето за промена на критериумите за минимална плата.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, по средбата во Владата во понеделникот изјави дека среда е последниот рок за исполнување на нивното барање.
„Не го прифаќаме зборот ‘ќе’, туку ‘кога’ и ‘колку’. Во среда продолжува битката за работничките права. Единствената цел е егзистенцијата на работникот во оваа економска, ковид и енергетска криза“,
изјави Димовски.
Ставот на Владата е дека минималната плата ќе продолжи да расте, но смета дека преку дијалог треба да се најде решение кое ќе биде одржливо на подолг рок.
„Нашиот став е дека преку преговори за минималната плата во кои ќе учествуваат Владата, работодавачите и работниците, со факти и аргументи, треба да дојдеме до решение кое е добро за сите засегнати страни. На овие состаноци ќе го отвориме и прашањето за промена на критериумите за минималната плата“,
истакна Тренчевска во понеделникот, на средба со Организацијата на работодавачи.
Синдикатот бара итно зголемување на минималната плата од сегашните 15 200 денари на 18 000 денари, аргументирајќи го ова барање со порастот на трошоците на живот и со економската и енергетската криза. Се бара и зголемување на другите плати во државата.
Усогласување на минималната плата се прави секој март во годината според три критериуми – една третина од порастот на просечно исплатената плата во државата, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од порастот на БДП. Новата усогласена минимална плата почнува да се применува веќе од април.
Минималната плата беше воведена во јануари 2012 година, кога беше донесен Законот за минимална плата. Тогаш минималната плата изнесуваше 8.050 денари, освен за текстилната и кожарската индустрија, каде оваа сума беше достигната во 2015 година. Во 2019 година беше последната законски утврдена минимална плата во висина од 14.500 денари, но со направеното усогласување таа сега изнесува 15.200 денари.