„Се сеќавате ли на случајот ‘Пациент’ на Бујар Османи и на ‘Маѓар телеком’ на Али Ахмети? Случаи кои никогаш не беа отворени, а беа прогласени за застарени, благодарение на политизираните судови и под влијание на судии и обвинители блиски до СДСМ и ВМРО“, велат во реакцијата Алијанса за Албанците
Ја потсетуваме ДУИ дека токму СДСМ и ВМРО, со кои долго време заедно владееја, го сочуваа овој политички субјект како бела мечка, поштедувајќи ги од правдата корумпираните функционери на ДУИ, реагираат од Алијанса за Албанците, откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети на својот фејсбук-профил објави видео каде што напиша дека неговата партија години наназад е напаѓана од двата најголеми политички табори.
„На граѓаните и на целата јавност им е добро познато дека ДУИ никогаш не била оштетена од македонските субјекти, туку постојано била разгалена. Се сеќавате ли на случајот ‘Пациент’ на Бујар Османи и на ‘Маѓар телеком’ на Али Ахмети? Случаи кои никогаш не беа отворени, а беа прогласени за застарени, благодарение на политизираните судови и под влијание на судии и обвинители блиски до СДСМ и ВМРО“,
истакнуваат од Алијанса за Албанците.
Како што додаваат од Алијанса за Албанците, „тоа што беше поинтересно, но, во исто време и смешно во видеото објавено меѓу експонентите кои сакаа да ја „оштетат“ ДУИ, беше и еден од нивните коалициски партнери и поранешен кандидат на СДСМ за град Скопје, Петре Шилегов, за кого ДУИ заедно со високи функционери водеа кампања барајќи од Албанците и од нивните гласачи да гласаат за него како кандидат за град Скопје“.
„ДУИ, не можејќи да ги издржи критиките на јавното мислење и албанските граѓани кои со право го нарушуваат и онака урнатиот имиџ, барајќи одговорност, оваа партија се занимава со импровизации и видеа каде што е критикувана од експоненти на СДСМ и ВМРО и на тој начин се обидува да изигра жртва и остава впечаток дека некој сака да ѝ нанесе штета“,
додаваат оттаму.
Претходно денеска, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го окарактеризиираа како дволичен лидерот на ДУИ, Али Ахмети, велејќи „кога Али Ахмети сака да им се допадне на странците се откажува од Косово, а кога краде тендери со СДСМ станува загрижен патриот и зборува за Косово“, откако синоќа лидерот на ДУИ објави видео со изјави од претставници на двете најголеми партии од македонскиот блок против интегративците.
На тоа, пак, од ДУИ возвратија оти „реакциите на ВМРО-ДПМНЕ се јасен показател за целта на овој политички субјект против Албанците на чело на државните институции, токму во време кога земјата бележи значителен напредок во процесите за деблокирање на нејзиниот пат кон ЕУ, во која кадрите на ДУИ се ангажирани со целосен легитимитет од народот“.