Лидерот на опозцијата објави дека нови членови на Извршниот комитет ќе бидат уште и доктор Мевмед Џафери од Маврово, пратениците Ели Панова од Струмица и Миле Лефков од Кочани, како и Луке Галески, актуелен директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

На вечерашната седница на Централниот комитет, ВМРО-ДПМНЕ избра двајца нови потпретседатели, а тоа се градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, како и Гордана Димитреска-Кочоска, која е магистер по економски науки од УКИМ, а одреден период од својата кариера била и директор за финансии во ЕЛЕМ. Генерален секретар продолжува да биде Горгија Сајкоски, кој е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, пратеник во сегашниот состав на Собранието.
Потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да бидат досегашните Владо Мисајловски и Александар Николоски, соопшти партискиот лидер, Христијан Мицкоски, кој потоа го презентираше и проширениот состав на Извршниот комитет на партијата.
„Нов член на Извршниот комитет е аналитичарот и долгогодишен граѓански активист Сашо Клековски. Неговото искуство е дваесетгодишна работа на раководни позиции во граѓанскиот сектор. Тој е прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка. Нова членка на Извршниот комитет е и Маја Кадиевска-Војновиќ поранешна вице гувернерка на Народна Банка на Македонија и професор на Американ Колеџ, а во овој состав на Извршниот комитет вегува и угледниот доцент доктор Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија, доктор кој ја изврши првата трансплатација на бубрег кај дете во Македонија“,
изјави Мицкоски.
Лидерот на опозцијата додаде и дека нови членови на Извршниот комитет ќе бидат уште и доктор Мевмед Џафери од Маврово, пратениците Ели Панова од Струмица и Миле Лефков од Кочани, како и Луке Галески, актуелен директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, но и актерот Зоран Љутков од Велес и Марија Митева, која моментално е портпаролка на партијата.
„Воедно членови на Извршниот комитет остануваат да бидат и пратениците со сериозно политичко искуство Антонио Милошоски, Дафина Стојановска, како и пратеникот Драган Ковачки, кој е и полковник во Армијата на Македонија. Членка на Извршниот комитет продолжува да биде пратеничката Рашела Мизрахи, докторот Олга Лозановска од Битола. Во Извршиот комитет останува и професор доктор, Трајко Славески, кој е и претседател на советот на град Скопје, како и човекот со богато искуство зад себе Влатко Ѓорчев, како и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, и докторката Марија Андоновска, која е и координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во градот Скопје“,
истакна Мицкоски.
Во обраќањето за медиумите Мицкоски истакна и дека членови на највисокото извршно тело се и претседателот на УМС, Сергеј Попов, претседателката на УЖ, Жаклина Пешевска, како и првиот човек на Унијата на ветерани Мане Јаковлевски, а нов секретар за меѓународна соработка е актуелниот советник во Град Скопје, Стефан Андоновски.
Мицкоски најави и дека партијата со проширен состав во Извршниот комитет ќе продолжи да се залага за целите на партијата, а како што рече, тоа се однесува и на намалување на бројот на пратеници во Собранието од 120 на 90, за една изборна единица, како и за решавање на отворените прашања со Бугарија.