Тошко Јорданов, кој е претседател на парламентарната група на „Има таков народ“, рече дека секакви напори за дијалог и економски врски треба да се поддржат, но и тоа дека Бугарија треба да поддржи Бугарите во Македонија да имаат легални права
Заменик-претседателот на Народното собрание на Бугарија и заменик-претседател на БСП, Кристијан Вигенин, обраќајќи им се на пратениците на ГЕРБ во собранието за време на дебатата за постигнатото од средбите на бугарската и македонската влада деновиве, рече дека БСП кога била во опозиција никогаш не ги напаѓала за темата за Северна Македонија.
Тој ги повика ГЕРБ да се обидат да помогнат за одблокирање на процесот, пренесе МИА од Софија.
Тошко Јорданов, кој е претседател на парламентарната група на „Има таков народ“, му се заблагодари на премиерот Кирил Петков дека е во собраниската сала и направи споредба со Бојко Борисов, за кого рече дека и не доаѓал во Народното собрание на Бугарија.
Според Јорданов, секакви напори за дијалог и економски врски треба да се поддржат, но и тоа дека Бугарија треба да поддржи Бугарите во Македонија да имаат легални права.
Копретседателот на „Демократска Бугарија“, Христо Иванов, рече дека сака да се преземат дејствија, но рече дека како што гледа колку време поминува владата во парламентот, не знае кога ќе се случи тоа.
Националистичката партија „Преродба“, која е најмалата партија во Народно собрание, се изјасни против, според нив, „фалсификатот и репресијата на Бугарите во Северна Македонија“.
„Треба да ја повторуваме бугарската теза на партнерите во Брисел и во Република Северна Македонија“,
рече нејзиниот лидер Костадин Костадинов.
Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска реферира пред пратениците во Народното собранието на Бугарија за резултатите од неговата посета на Скопје минатата недела, како и од средбата на владите на двете земји што се одржа во Софија.
Ова е барање на најголемата опозициска партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.