Само вчера полицијата казнила 173 возачи кои не пропуштале пешаци на пешачки премин, односно не ги почитувале обврските како возачи. При засилената контрола, санкционирани се вкупно 173 возачи, од кои 104 на територија на Скопје, 26 на територија на Тетово, 16 на територија на Велес.
Како што соопштуваат од МВР, при акциската контрола санкционирани се и 134 друг вид сообраќајни прекршоци.
„Апелираме до возачите секогаш да ги пропуштаат пешаците односно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Исто така, апелираме и до пешаците да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да го минуваат коловозот на обележан пешачки премин затоа што непочитувањето на сообраќајните правила ќе биде санкционирано“,
велат од МВР.
Пред два дена се случи тешка сообраќајна несреќа во центарот на Скопје близу мостот „Гоце Делчев“ каде што загина пешак кој беше удрен од автомобил.
Тешка сообраќајна несреќа се случи и пред една недела кога на раскрсницата на булевар „Партизански одреди“ кај „Сити мол“ животот го загуби 24-годишна девојка која беше удрена од автомобил додека поминувала на пешачки премин.