Вашингтон ја поддржува Украина во кризата предизвикана од акумулацијата на руски воени трупи на нејзината граница, која Украинците ја сметаат за закана и нарушување на националната безбедност, додека Русија негира дека планира напад врз соседната земја
Во меѓувреме САД објавија дека в понеделник побарале да се одржи јавна седница на Советот за безбедност на ОН за кризата околу Украина поради заканата што Русија ја прави за меѓународниот мир и безбедност. Тие, исто така, го повикуваат официјален Пекинг да го искористи своето влијание врз Москва
Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека во четвртокот имал долг разговор со американскиот претседател Џо Бајден, во кој дискутирале за заедничките активности по прашањето за намалување на тензиите во односите со Русија.
„Разговаравме за дипломатските напори за намалување на тензиите и договоривме заеднички акции во иднина. Му се заблагодарив на претседателот Бајден за неговата континуирана воена помош. Разговаравме и за можна финансиска помош за Украина“,
објави украинскиот претседател преку социјалната мрежа Твитер.
Белата куќа во официјалното соопштение истакнува дека претседателот Бајден во разговор со својот украински колега ја повторил подготвеноста на Вашингтон за решителен одговор во случај Русија да ја нападне Украина.
Во соопштението се наведува и дека Бајден рекол дека САД бараат начин за дополнителна макроекономска поддршка што ќе и помогне на украинската економија во време на притисок предизвикан од акумулацијата на руските воени сили во пограничната област.
Вашингтон бара седница на Советот за безбедност на ОН
Во меѓувреме САД објавија дека в понеделник побарале да се одржи јавна седница на Советот за безбедност на ОН за кризата околу Украина поради заканата што Русија ја прави за меѓународниот мир и безбедност. Тие, исто така, го повикуваат официјален Пекинг да го искористи своето влијание врз Москва.
„Повеќе од 100 000 руски војници се распоредени на украинската граница, а Русија применува други акти на дестабилизација кон Украина, што претставува јасна закана за меѓународниот мир и безбедност и Повелбата на ОН“,
изјави американската амбасадорка во ОН, Линда Томас- Гринфилд.

Високата претставничка на Стејт департментот, Викторија Нуланд, ја повика Кина да го искористи своето „влијание“ врз Русија за да ја одврати од напад на Украина.
Неколку часа претходно, американскиот државен секретар Ентони Блинкен телефонски разговараше со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.
САД се убедени дека спорниот гасовод „Северен тек 2“ што ги поврзува Русија и Германија нема да биде пуштен во употреба доколку Москва ја нападне Украина.
„Продолжуваме многу силни и јасни разговори со нашите германски сојузници и сакам да бидам јасен со вас денес, ако Русија ја преземе Украина, на овој или оној начин, ‘Северен тек 2’ нема да оди понатаму“,
им рече Нуланд на новинарите.
САД и нивните сојузници стравуваат дека Русија планира инвазија на Украина, што Русија го негира, наведувајќи дека нема воинствени намери. Русија, меѓутоа, бара безбедносни гаранции од САД и НАТО дека Украина нема да стане членка на Алијансата.