Писмо со закани добил и државниот обвинител Љубомир Јовески. Преку препорачано пратка испратена од Битола од него се барало да ги ослободи од гонење двајцата новинари на ТВ Алфа или во спротивно ќе биде убиен
Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, пред еден месец добила две писма со закани по живот, открива обвинителката во изјава за „Дојче веле“ (ДВ).
„Писмата пристигнаа околу 23-24 декември минатата година. Заканите беа во смисла дека невини и угледни граѓани се во затвор, а ’криминалците Зоран и Вице Заеви‘ биле на слобода. Ако веднаш не ги осудам ќе бидам убиена. Двете писма беа во таа смисла“,
вели Русковска за „Дојче веле“ која случајот го пријавила во МВР и добила дополнително обезбедување.
Вчера, писмо со закани добил и државниот обвинител Љубомир Јовески. Преку препорачана пратка испратена од Битола од него во писмото се барало да ги ослободи од гонење двајцата новинари на ТВ Алфа, Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, за случај кој веќе е затворен бидејќи немало основа за постапување на обвинителството. Писмото го објавија од Јавното обвинителството и од него може да се види дека испраќачот/испраќачите се претставуваат како терористичка организација и порачуваат дека ќе го убијат ако не ги ослободи.
„Новинарите Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, слободно да бидат ослободени бидејќи се новинари кои се од највисоки еминентни и заслуги и имаат астрономска поддршка насекаде низ државата, кои ќе се борат и ќе ги бранат до последна капка крв како што овие новинари го претставуваат и се гласот на македонскиот народ. Љубомир Јовески ослободете ги еднаш, ослободете ги од сите обвиненија бидејќи се невини за какво било злосторство или Љубомир Јовески ќе те убиеме многу брзо. Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете веднаш ако вашата желба е да останете живи. Ние сме терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа“,
пишува во писмото до Јовески.