Скопското обвинителство отвори истрага и го сомничи момчето за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а од судот бара да му се одреди и притвор. Тоа е осомничено дека возело над дозволената брзина и поминало на црвено светло по што удрило во друг автомобил. Возачот на другиот автомобил загина на самото место, а неговата ќерка се здоби со тешки повреди
Момчето на 21-годишна возраст, кое со својот автомобил удри во друго возило и го усмрти возачот, било под дејство на алкохол и поминало на црвено светло на семафорот, се дел од деталите што ги соопшти Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје за сообраќајката кај трговскиот центар „Лиса“ во Ново Лисиче што се случи ноќта во вторникот кон средата.
По прибирањето на првичните информации, скопското обвинителство даде наредба за истрага против момчето за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Момчето, движејќи се по булеварот „Видое Смилевски-Бато“, според ОЈО Скопје, не ги почитувало правилата: возело со повеќе од 50 километри на час, која е максималната дозволена брзина во населено место, и било под дејство на алкохол со концентрација од 0,57 промили алкохол во крвта.
„Кога се приближил до крстосницата со сервисна улица што води кон трговскиот центар ’Лиса‘, тој навлегол во крстосницата на вклучено црвено светло кое означувало забрана за минување во неговиот правец на движење. Со предниот дел на возилото осомничениот удрил во страничниот лев дел на автомобил ’фолксваген поло‘ со скопски регистарски ознаки, кој се движел од сервисната улица кон булеварот. При несреќата, возачот на автомобилот ’фолксваген‘ се здобил со тешки телесни повреди и починал на самото место, а неговата 15-годишна ќерка, сопатничка во автомобилот, се здобила со тешки телесни повреди“,
велат од ОЈО Скопје.
Од Обвинителството велат и дека бараат Основниот кривичен суд Скопје да му одреди мерка притвор на момчето поради опасноста од бегство, можноста да влијае на сведоци или да го повтори делото.