Оваа промена во бројот на изолациски денови важи само за оние лица што имале близок контакт со ковид-позитивни лица, но не и за оние со потврдена инфекција
Русија го скрати потребниот период за изолација на лицата што биле во контакт со лица заразени со ковид, од 14 на седум дена, пренесува балканскиот сервис на РСЕ.
Оваа промена во бројот на изолациски денови важи само за оние лица што имале близок контакт со ковид-позитивни лица, но не и за оние со потврдена инфекција.
Лицата што се позитивни на тестот, сепак, треба да бидат изолирани 14 дена и повторно да се тестираат за вирусот на десеттиот или единаесеттиот ден.
Бројот на нови инфекции на дневна основа во Русија драстично се зголеми во последните две недели, повеќе од четирикратно – од околу 15 000 на 10 јануари на 67 809 на 25 јануари, најголемиот дневен биланс во пандемијата, но рускиот министер за здравство Михаил Мурашко вели дека не е забележано значително зголемување на бројот на хоспитализирани.
Надлежните предупредија дека сегашното зголемување на ковид-позитивните случаи е најголемо во земјата досега, но не најавија некои поголеми ограничувања што ќе го запрат.
Севкупно, руската државна работна група за коронавирусот објави над 11,2 милиони потврдени случаи и 327 448 смртни случаи од почетокот на пандемијата, што е најголем број на смртни случаи во Европа. Руската државна агенција за статистика, пак, која користи пошироки критериуми за броење, го проценува вкупниот број на смртни случаи поврзани помеѓу април 2020 година и октомври 2021 година на повеќе од 625 000.
Русија беше првата земја што одобри и воведе домашна вакцина против коронавирусот, но само околу половина од нејзината популација од 146 милиони луѓе е целосно вакцинирана.