Шефот на Националната истражна служба за БГНЕС додава дека сега останува да се изврши судска наредба во Северна Македонија и да се известат роднините на жртвите оти имаат право да направат увид во материјалите, пренесе вечерва МИА
Бугарската националната истражна служба го затвори случајот за несреќата на автопатот Струма во која загинаа 45 лица, изјави за БГНЕС шефот на службата, Борислав Сарафов, а одговорноста за несреќата е на возачот кој управувал со автобусот, објави вечерва МИА повикувајќи се на бугарската агенција.
„Причината е губење контрола врз автобусот од страна на возачот. И големата, да речеме, несоодветна, но не и над дозволеното брзина“,
изјавил Сарафов.
Шефот на Националната истражна служба за БГНЕС додава дека сега останува да се изврши судска наредба во Северна Македонија и да се известат роднините на жртвите оти имаат право да направат увид во материјалите.
На 23 ноември 2021 година во раните утрински часови, автобусот на „Беса Транс“ којшто од Истанбул се враќаше со туристи, удри во ограда на автопатот Струма, кај селото Боснек, при што загинаа 45 лица.
Два месеци по трагедијата со македонските туристи на автопатот „Струма“, преживеаните и роднините на загинатите побараа Окружниот суд во Перник паралелно да ги испита причините за несреќата и очекуваат повеќе информации за злато и накит во вредност од илјадници евра што патниците ги носеле со себе, јави БНТ.