Тој го побара ексминистерот за внатрешни работи во техничката влада Наќе Чулев да сведочи во случајот, а коментирајќи ги доказите на Обвинителството, вели дека меѓу нив има и такви кои го надминуваат и Гинисовиот рекорд бидејќи во една секунда биле пратени 43 пораки
Поранешниот функционер тврди и дека не го зголемил имотот додека бил на функција, туку парите на неговите деца се од родендени, крштевки, мекици… Тоа што го има, тврди Рашковски, е истото и пред да стане функционер, а имотот во Побожје, кој е нов, рече дека го купил од кредит земен уште во 2013 г. Негира и дека предвреме отплаќал кредит и тврди дека станува збор за уплата на пари на кредитни картички кои ги добил како рефундација бидејќи на службените патувања плаќал од свои пари
„Едноставно, Холивуд да го режира ова, не може да го направи“
Ова е еден од коментарите на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски за доказите со кои Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе се обиде да ја докаже неговата вина во случајот со набавките правени за два софтвери, исплатата на хонорарите и перењето пари. Рашковски денеска седна на обвинителка клупа за делата злоупотреба на службената положба и овластувања, но само на половина час бидејќи првото судско рочиште се одложи поради отсуство на една обвинета, но и затоа што списи од предметот се наоѓаат во Апелација која одлучува по жалби на одбраната.
Меѓутоа, и Обвинителството и одбраната го искористија денешното рочиште за да достават предлози за нови докази. Рашковски рече дека доставил дваесетина, меѓу кои и предлог да сведочи министерот за внатрешни работи во техничката влада Наќе Чулев.
„Ние имаме доставено денеска дополнително 20-ина докази, меѓу кои и нови сведоци. Го побаравме поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, побаравме одредени лица кои ќе ја докажат целата постапка и доставивме докази дека не може да тврдите дека мои пари уплатени на моја сметка во 2015 година потекнуваат од тендери од 2019 година. Срамота е тоа што се прави. Сите знаеме дека во 2015 г. јас не сум бил функционер. Не може во 2015-та средства да потекнуваат од кривично дело во 2019 година. Не треба да сте ни правник, едноставно Холивуд да го режира ова, не може да го направи“,
рече Рашковски.
Тој најави интересно судење бидејќи вели во процесот ќе се покаже колку е слаба компјутерската форензика во македонското правосудство.
„Од тоа што јас можам да го кажам е дека ќе имаме навистина интересно судење, кое би требало во македонското правосудство, особено во делот на компјутерската форензика, која и тоа како е слабо применувана, да имплицира понатаму многу поквалитетен начин на прибирање на дигиталните докази. Срамота е на лица што немаат ниту познавања ниту лиценци ниту се вештачи да им се дава да буричкаат и да чепкаат по приватни податоци на лица на кои им се одземени телефоните итн.“,
рече Рашковски.
Меѓу примерите што ги наведе тој е дека Обвинителството доставило докази оти 43 пораки биле испратени во една секунда.
„Не може да имате доказ во кој Обвинителството седнало на својот компјутер и во ’Ворд‘ направило текстуални пораки, заборавило да го смени времето, и имате во една секунда 43 пораки. Јас проверував на интернет, не постои, Гинисовиот рекорд е за 50 и нешто секунди може да испишете една порака, а не 43 во една секунда. Не може Обвинителството да дава докази за кои јасно се гледа дека произлегуваат од незаконит начин на прибирање докази од некакви телефони. Не може Обвинителството да импутира дека тоа се некакви пораки, за кои и од самиот производител тврди дека не може да утврди за каков тип податок станува збор“,
тврдеше Рашковски пред новинарските екипи.
Според соопштението што го објави Обвинителството кога го поднесе обвинението, ексгенералниот секретар на Владата од јуни 2017 до почетокот на мај 2021 година пуштил во оптек 5 378 319 денари (87 500 евра), а за кои оттаму тврдат дека потекнуваат од кривично дело. Со парите, според Обвинителството, тој вршел уплати на сметките на членови на семејството, а предвреме отплатил и кредит.
Рашковски, пак, вели дека тоа не е точно и го обвинува Обвинителството дека не ја прикажува вистинската слика. Тој тврди дека станува збор за уплата на пари на кредитни картички кои ги добил како рефундација бидејќи на службените патувања плаќал од свои пари.
„Кога одиме како функционери некаде на пат имаме одредени трошоци. Функционерот има две опции: или да земе аванс од институцијата каде што е вработен или да троши средства и кога ќе се врати тоа да го надополни. Обвинителството ја гледа само страната на приливи односно на уплати. Кога сум патувал, сум плаќал со моја картичка, кога сум се враќал од пат тие средства биле рефундирани. Сите знаат дека по благајничко работење тие средства се рефундираат во кеш. Кога ќе ви ги рефундираат тие средства, нормално е да одите да си го покриете минусното салдо. Меѓутоа, тоа Обвинителството не сака да ви го прикаже како такво туку само вели дека ставал пари на својата картичка, а не ја гледа страната дека тие пари се трошени за оправдани трошоци кои понатаму се рефундирани“,
изјави Рашковски.
Пред медиумите тој зборуваше и за другиот имот, убедувајќи ги дека неговиот имотен лист од стапувањето на функцијата во 2017 и тој од 2021 година, кога се повлече, нема разлика освен во податоците кај неговите деца каде што има податоци кои, според неговото тврдење, се прибрани од родендени, крштевки, мекици и други прослави.
„Децата имаат само заштеда која е од нивните родендени, а сè друго што поседуваат е мој имот што сум го имал и пред тоа. Се вулгаризира целата работа поради тоа што и станот, и имотот во Струмица, и подвижните средства сум ги имал и пред да станам генерален секретар. Сето тоа е префрлено, како секој родител што сака неговите деца да имаат деца. Едноставно, станот што сум го имал од 2011 година само сум го префрлил, имотот во Струмица што сум го имал од 2013 година само сум го префрлил. Не станува збор за нов имот. Новиот имот што е купен во Побожје е имот кој е купен на кредит, обезбедување средства што сум ги имал од кредит“,
рече Рашковски кој одговарајќи на новинарско прашање рече и дека засега не планира да гради хациенда како што пишуваа медиумите.
Ако во иднина би се градело нешто, вели тој, тоа нема да биде со пари стекнати на незаконски начин.