Во Италија уште едно лице почина од новиот коронавирус, со што вкупниот број на починати сега изнесува четири лица.
Како што пренесува италијанската агенција АНСА, станува збор за 84-годишен маж од Ломбардија, кој бил хоспитализиран во Бергамо и имал хронични болести.
Досега во Италија од новиот коронавирус наречен ковид-19 се заразени 165 лица, претежно во покраините Ломбардија и Венето, во Северна Италија и според податоците на американскиот универзитет „Џон Хопкинс“ таа е трета земја во светот по бројот на регистрирани случаи.
Од новиот коронавирус, според последните податоци, досега починаа вкупно 2 619 лица, а заразени се повеќе од 79 000.
Надвор од границите на Кина потврдени се 27 смртни случаи, од кои најмногу – осум во Иран и седум во Јужна Кореја, пренесува Си-ен-ен.
Најмногу заразени на дневно ниво има во кинеската провинција Хубеј, од каде што почна да се шири вирусот.
Досега се излекувани 24 000 лица.
Надвор од границите на Азија, најмногу заболени има во Италија.
Поради вирусот, во Јужна Кореја е одложен почетокот на учебната година, а до крајот на март прекинати се авиолиниите од и кон градот Дегу, каде што е забележан најголем број случаи на заразени.