Гасификација на цела држава, бесплатен приклучок на гас за секое домаќинство и 50 отсто субвенции за ставање енергетски ефикасна фасада, прв Ветерен парк во земјава и нова Термоелектрична централа во Источна Македонија, ветува Мицкоски порачувајќи дека на тој начин ќе се обезбеди 50 проценти почист воздух
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција презентираше предизборни ветувања од областа на енергетиката и животната средина посочувајќи дека ќе овозможи 50 отсто почист воздух.
Државата, рече тој, на секое семејство ќе му ги покрие половина од трошоците за ставање нова фасада и оков на домовите. На ваква мерка во нивната понуда се одлучиле затоа што голем број домови се енергетски неефикасни или воопшто немаат фасада поради што, според него, во земјава се троши пет пати повеќе енергија за затоплување на домовите во споредба со земјите од ЕУ.
„Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи до 50-ина проценти субвенции на граѓаните за набавка на енергетски ефикасна опрема: сончеви колектори (фотонапонски централи, термални, топлински пумпи и приклучок кон топлификационите системи) со што граѓаните ќе добијат бесплатна енергија, ќе заштедат повеќе пари, а ќе се овозможи заштита на животната средина“,
наведе Мицкоски презентирајќи ги проектите.
Тој вети и дека неговата влада ќе донесе целосна гасификација на Македонија на тој начин што ќе ги заврши и пушти во употреба проектите кои ги почнала владата на Никола Груевски, а оваа сè уште не ги завршила.
„Изградба на магистралниот гасовод Неготино – Кавадарци – Битола т.е. доизградба како и доизградба на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар, кој е започнат и првиот и вториот проект и обезбедено е финансирање од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Понатаму изградба на магистралниот гасовод Штип – Радовиш- Струмица – Гевгелија. Изградба на магистралниот гасовод Гостивар – Кичево. Изградба на магистралниот гасовод Свети Николе – Велес. Изградба на магистралниот гасовод Битола – Ресен – Охрид – Струга. Поврзување на ТЕЦ Неготино на природен гас…“,
набројуваше Мицкоски.
На природен гас, ветува тој, ќе може да се поврзе секое семејство, па и оние што живеат на поголемо растојание од местата каде поминуваат примарната или магистралните гасоводни мрежи, а тоа ќе се постигне со иградба на платформи со менливи контејнерски батерии или резервоари за складирање на природен гас.

Приклучокот на гас, според него, ќе биде бесплатен за секое домаќинство. Гас ќе користат и болниците.
„Се обврзуваме на обнова која ќе донесе повеќе здравје, односно до 50-ина проценти почист воздух во првиот мандат од сега. Тоа подразбира намалување на загадувањето до минус 50-ина проценти. Ќе исполниме стратегија која ќе значи реализација на целосна гасификација на државата, создавање на услови гасот да биде достапен до секое домаќинство, и да стане широко распространет енергенс кој ќе се користи. Воедно тоа подразбира и користење од државните институции како и компаниите кои се загадувачи. Истовремено ќе инвестираме во зелени еко проекти и нови вложувања во екологијата. Сето ова сериозно ќе го намали загадувањето или најмалку до 50-ина проценти на крајот од мандатот од тоа што е состојба сега“,
вели Мицкоски.
Опозицискиот лидер ветува и дека за првпат ќе изгради парк со ветерници – Ветерен парк Миравци, кој ќе произведува електрична енергија од 300 GWh, а ќе се прави и нова термоелектрична централа во Пијанец и Малешевијата во која, според него, ќе се вработат 1 000 лица од Источна Македонија.
Набројувајќи ги изборните проекти, Мицкоски на крај вети и дека ќе се издаваат зелени државни обврзници за повеќе зелени проекти.
„Овој проект предвидува министерството за финансии да издаде зелени обврзници кои ќе бидат долгорочни должнички хартии од вредност. Средствата обезбедени врз основа на овие обврзници ќе имаат стриктно определена намена односно ќе се користат за проекти за решавање на проблемот со загадувањето и заштитата на животната средина“,
рече Мицкоски.